Кошаркарски клуб Крива Паланка викендов е домаќин на меѓународниот ВАБА 2 турнир
- Викендов, 27 и 28 септември, кошаркарскиот клуб Крива Паланка ќе биде домаќин на меѓународниот ВАБА 2 турнир од силната јадранска женска кошаркарска лига што годинава слави 25 години постоење.
Крива Паланка, 26 септември 2025 (МИА) - Викендов, 27 и 28 септември, кошаркарскиот клуб Крива Паланка ќе биде домаќин на меѓународниот ВАБА 2 турнир од силната јадранска женска кошаркарска лига што годинава слави 25 години постоење.
Македонскиот женски кошаркарски вицешампион на домашен терен дебитира во ВАБА 2 лигата, во која ќе ги одмери силите со Црногорскиот ЖКК Подгорица утревечер, во 19 часот, додека во недела попладне ќе игра против ЖКК Бановиќи од Босна и Херцеговина.
Турнирот ќе се игра во Крива Паланка, во спортската сала "Бранители 2001", а учесници покрај домаќинот се ЖКК Илирија, Љубљана, Словенија, ЖКК Бановиќи, Босна и Херцеговина и ЖКК Подгорица, Црна Гора.
Од кошаркарскиот клуб КК Крива Паланка ги покануваат сите љубители на кошарката од градот и државата да присуствуваат на турнирот и да ги проследат натпреварите кои ќе понудат квалитетна кошарка и надигрувања на теренот, особено што домаќинот оваа година во својот тимски ростер покрај искусните првотимки, сениорската репрезентативка, Михаела Алексовска и Тамара Ѓоргиевска, сезонава се засили со три американски играчи: Дежа Грин, Алексис Пул и Ани Ниехуес.
КК Крива Паланка е единствениот претставник од Македонија во првенството во кое годинава учествуваат екипите: ЖКК Јежица, ЖКК Илирија и ЖКК Марибор од Словенија, ЖКК Брод на Сави , Хрватска, РМУ Бановиќи, Босна и Херцеговина , ЖКК Подгорица, Црна Гора, ЖКК Клостернбург и ЖКК УБИ Грац, Австрија. ид/сст/
Фото КК Крива Паланка, ВАБА 2