• недела, 22 декември 2024

Костадиновски - Гир: Уставниот суд е клучен во обезбедувањето рамнотежа над трите гранки на власта

Костадиновски - Гир: Уставниот суд е клучен во обезбедувањето рамнотежа над трите гранки на власта

Скопје, 17 јули 2024 (МИА) - Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски и судиите Татјана Васиќ Бозаџиева и Ана Павловска Данева вчера оствариле работна средба со амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир и неговите соработници.

Амбасадорот Гир, како што соопшти Уставниот суд, потенцирал дека ја препознава улогата на Уставниот суд како клучна во обезбедување на рамнотежа над трите гранки на власта во уставниот поредок и во обезбедувањето на владеењето на правото.

Костадиновски го известил Гир дека во септември и октомври ќе се најдат на дневен ред пред Уставниот суд сите предмети кои се од поширок јавен интерес.

Во насока на подобрување на работењето на Судот, Костадиновски го информирал Гир за реформите кои ќе ги спроведува Уставниот суд од септември со примената на новиот Акт.

Акцентот, како што е наведено во соопштението, бил ставен на одредбите кои ќе поттикнат забрзување на постапките и отчет и на судиите и на претседателот пред Судот за времетраењето при постапувањето по предметите.

Костадиновски нагласил дека од особена важност за сите граѓани е новината со која се овозможува Уставниот суд да подготвува посебни извештаи во случаи кога увидува континуирано непочитување на Уставот или законите од страна на доносителите на општи прописи.

Како посебно важна новина воведена со новиот Акт на Судот, Костадиновски ја потенцирал постапката во која Уставниот суд ќе може да му одреди конкретен рок на доносителот на некој пропис да ги отстрани уставно-проблематичните одредби со цел да се избегне правен вакуум и да не настанат штетни последици по остварувањето на правата на граѓаните.

Амбасадорот Гир покажал интререс за размислувањата за Закон за Уставен суд, како и за воведување на уставна тужба и притоа искажал силна поддршка за напорите кои Уставниот суд ги вложува за унапредување на транспарентноста.

-Амбасадорот Гир ја констатираше брзата реакција и донесувањето на Заклучокот со којшто Уставниот суд предупреди дека престанок на функцијата на уставен судија надвор од уставните одредби е грубо кршење на Уставот и упад во независноста и самостојноста на Судот, се наведува во соопштението.

Претседателот на Уставниот суд Костадиновски се заблагодарил за почнувањето на ИПА 3 проектот, при што добил поддршка од амбасадорот Гир за спроведување на проектот кој е во насока на зајакнување на капацитетите на Судот.

На средбата биле разменети мислења во врска со најавите за реформи во правосудните тела. дма/ев/

Фото: Уставен суд

Остани поврзан