• вторник, 05 ноември 2024

Костадиновска-Стојчевска: „Еразмус +“ инфоцентарот ќе придонесе за обезбедување  подобра иднина за младите по европски стандарди

Костадиновска-Стојчевска: „Еразмус +“ инфоцентарот ќе придонесе за обезбедување  подобра иднина за младите по европски стандарди

Скопје, 11 април 2024 (МИА) - Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и првиот заменик-претседател на Владата Бојан Маричиќ денеска го посетија новоотворениот инфоцентар „Еразмус+“ во Битола.

Костадиновска-Стојчевска, како што информира Министерството за култура, нагласи дека младите остануваат во фокусот на агендата на ресорното министерство. 

- Само така ќе покажеме цврст став за нашиот пат кон европското семејство и ќе вклучиме повеќе теми кои се од особено значење, а тоа се културата, образованието, иновациите, изјави Костадиновска-Стојчевска по посетата.

Младите со својот глас и активизам, како што рече, станаа наш сојузник во градењето на државата и создавањето можности и затоа вложувањето во нивното знаење е нашиот гарант за креирање можности во нашата држава.

Таа додаде дека Министерството за култура во изминатиот период покажа дека поддржува и креира политики што овозможуваат младите да имаат подобар живот, квалитетно образование и можности за мобилност.

- Министерството за култура континуирано им помага на младите да се зајакнат во креирањето на европските проекти и активно да учествуваат во програмата Креативна Европа на Европската Унија, како една од најважните алатки за поддршка на европската културна соработка изразена преку културна промоција на вредностите и различностите, рече министерката за култура.

Костадиновска-Стојчевска изрази задоволство што младите во Битола имаат место каде што ќе дискутираат и ќе споделуваат заеднички вредности поврзани со европската иднина бидејќи станува збор за една од најфлексибилните програми на Европската Унија.

Инфоцентарот „Еразмус+“ во Битола е наменет за сите млади, но и генерално за сите што сакаат да се информираат за програмите или мрежите со кои раководи Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. мд/ир

Фото: Министерство за култура 


 
 

 

Остани поврзан