Косовската опозиција го обвини премиерот Курти дека „лаже“ и „кажува бајки“
- „Досега овој премиер може да се оквалификува со неспособност, неуспех, корупција, криминал. Албин Курти денеска зборуваше овде еден час и не беше премиер ниту една секунда. Беше директор на претпријатие, беше водач на смена во болница, општински функционер, но никогаш, во никој случај, во ниту еден момент не беше премиер на Косово“, рече Гаши.
Приштина, 2 декември 2024 (МИА) – Пратеници на опозициските партии во Косово го обвинија премиерот Албин Курти дека сé што кажа во денешното обраќање пред Собранието било „лага“ и „бајки“, јави дописникот на МИА од Приштина.
По обраќањето на Курти на седницата свикана од опозицијата за расправа за изминатите четири години од неговото владеење, во кое тој наброја низа, според него, успеси на Владата, шефот на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Арбен Гаши рече дека премиерот „излажа секој пат кога нешто кажа“.
„Досега овој премиер може да се оквалификува со неспособност, неуспех, корупција, криминал. Албин Курти денеска зборуваше овде еден час и не беше премиер ниту една секунда. Беше директор на претпријатие, беше водач на смена во болница, општински функционер, но никогаш, во никој случај, во ниту еден момент не беше премиер на Косово“, рече Гаши.
Шефот на пратеничката група на Алијансата за иднината на Косово (ААК), Бесник Тахири рече дека овој владин мандат го карактеризираат „промашувања и скандали“.
Тахири ја претстави предлог-резолуцијата за четиригодишното владеење, порачувајќи дека Курти мора да даде одговори за многу прашања.
„Овој премиер донесе експозе, памфлет со сув јазик, а сега се докажува дека ова останува само листа на желби... Сакам да укажам на неуспесите и скандалите: прво, целата оваа влада е рекордер во кршењето на Уставот, вториот скандал е поврзан со проблемите и корупцијата со тендерите од еден извор, третото прашање е поврзано со скандалот на амбасадорот (во Словенија) Мартин Беришај (со сомнителна набавка на струја од Србија), за што власта мора да се изјасни дали била информирана...“, рече Бесник Тахири.
Пратеничката на ААК, Тиме Кадријај рече дека премиерот за време на својот говор во Собранието „изнакажа бајки“.
„Премиерот ни изнакажа бајки. Сити сме од бајките премиере, денеска требаше да дојдеш тука и да ни кажеш што конкретно си направил. Еден премиер да зборува и за здравството, и за образованието и за инфраструктурата, имајќи ги министрите тука... Тогаш испаѓа дека тие министри се неспособни, па затоа треба да известуваш ти за министрите, значи го презеде товарот на целата влада“, рече Кадријај, потсетувајќи дека Курти рекол оти нема да води дијалог со Србија „без да се расветли судбината на исчезнатите и без Србија да се извини за злосторствата извршени во Косово“.
Шефот на пратениците на Демократската партија на Косово, Абељард Тахири рече дека Курти по четири години го остава Косово „без ниеден негов проект, кој го започнал и го завршил до крај“.
Тој нагласи дека земјата во време на оваа влада е ставена под санкции од меѓународната заедница.
„Нашата земја исто така е под санкции за време на оваа влада, така што од јуни 2023 година ЕУ исплаќа само плати за своите вработени кои работат во Република Косово. Поболен од ова е односот со Соединетите Американски Држави - веќе две години како имаме стагнација на односите со САД, а дојдовме и во ситуација да не членуваме во меѓународни организации“, рече Абељард Тахири.иа/