• сабота, 23 ноември 2024

Косово: Убиени во меѓусебна пресметка актуелен и поранешен кандидат за градоначалник од иста партија

Косово: Убиени во меѓусебна пресметка актуелен и поранешен кандидат за градоначалник од иста партија

Приштина, 9 септември 2021 (МИА) – Две лица се убиени во синоќешната престрелка во градот Пеќ во западно Косово, а според информациите кои ги објавија домашните медиуми, станува збор за пресметка меѓу лица од една иста партија - опозициската Демократска партија на Косово (ПДК), јави дописникот на МИА од Приштина.

Повеќе извори објвија дека во вооружениот инцидент, во меѓусебна пресметка со огнено оружје, се убиени кандидатот на ПДК за градоначалник на Пеќ за локалните избори закажани за 17 октомври годинава, Астрит Адемај, како и членот на раководството на истата партија и нејзин поранешен кандидат за градоначалник на соседниот град Дечане, Блеранд Кадријај.

Според очевидци на настанот на кои се повикуваат медиумите, двете жртви биле заедно во локал во Пеќ и во еден момент настанала кавга меѓу нив, по што посегнале по оружје и почнале да пукаат еден кон друг. Во инцидентот учествувал и братот на Астрит Адемај, Авни, кој е пренесен во болница со прострелни рани.

Инцидентот во соопштение за медиумите го потврди и косовската полиција, без да наведе детали за идентитетот на жртвите и мотивите кои довеле до него. Во соопштенито се наведува дека полицијата била информирана за пукотници во локал во Пеќ, по што надлежни екипи излеглe на местото на настанот, а три лица со прострелни рани се пренесени во болница, каде што за две од нив е констатирана смрт.

Во врска со настанот се огласи и косовскиот премиер Албин Курти, кој преку неговата страница на Фејсбук им изрази сочувство на семејствата и блиските на загинатите, како и на нивните соработници од ПДК и воедно побара преземање на сите потребни мерки за целосно расветлување на случајот.

Актуелниот градоначалник на Пеќ, Газменд Мухаџери изјави за телевизијата Канал 10 дека семејствата на двете жртви имале конфликт од порано, а синоќа се состанале во локал во сопственост на семејството Адемај, со цел да најдат решение. Меѓутоа, изјави Мухаџери, наместо да се смират страстите, конфликтот ескалирал и завршил со тешката трагедија. иа/паг/

Остани поврзан