• сабота, 06 јули 2024

Концерт со авторска музика на Роџер Ино в четврток во Филхармонија

Концерт со авторска музика на Роџер Ино в четврток во Филхармонија

Скопје, 21 февруари 2023 (МИА) - Во просториите на Филхармонија в четврток ќе се одржи концерт „Седеф“, на кој ќе биде изведена авторска музика на британскиот композитор и пијанист Роџер Ино. На концертот ќе биде изведена нова музика во аранжмани и оркестрација на Џијан Емин.

Директорката на Филхармонија, Тина Иванова, на денешната прес-конференција рече дека Роџер Ино е еден од највлијателните композитори на 20 век.

Таа додаде дека Филхармонија во последните години концерти посветува и на малку поинаква музика, а тоа е затоа што музиката е широко поле за истражување и за креација и сакаат да привлечат поширок круг слушатели и повеќе профили на луѓе.

- Среќни сме што Роџер Ино дојде во Скопје. Концертот го насловивме „Седеф“ и вистински „седеф“ ќе имате можност да слушнете во неговата музика за чиј аранжман и оркестрации се погрижи маестро Џијан Емин, кој ќе го диригира овој концерт. Се надевам сите кои ќе дојдат на концертот ќе ја почуствуваат вистинската длабочина во неговата музика, која носи порака и има многу длабоки филозофски мисли и интересни бои. Овој настан е редок настан, еднаш ќе се случи и никогаш повеќе. Затоа е добро да се биде на самото место и да се ужива во сè она што го создадоа Роџер Ино и Џијан Емин, додаде Иванова.

Концертот, како што посочи, ќе биде збогатен со прекрасни визуализации и со поезија.

- Првпат работам со Џијан Емин, и задоволен сум од нашата соработка. Со своите аранжмани и оркестрација тој успеа мојата музика, која е пасторална и англиска, да ја однесе на сосема друго место, рече Роџер Ино на прес-конференцијата.

Музичарот Џијан Емин рече оти му е драго што е дел од овој проект, бидејќи во еден период од неговата рана музичка младост имал можност да слуша музика од Роџер Рино.

- Имам прекрасни спомени од тој период, така што некако е погодено што и јас сум дел од овој проект бидејќи ваков тип музика, амбиентална музика, мене лично многу ми одговара. Досега немам учествувано на некој ваков или сличен проект што е чудно, нормално, меѓутоа од една страна можеби е супер затоа што еве конечно прилика на еден супер начин со вистински господин да ја покажеме музиката којашто ја работевме изминатите месеци, додаде Џијан Емин на прес-конференцијата по повод претстојниот концерт. 

Роџер Ино е британски пијанист и композитор чиј стил тешко може да се категоризира. Критичарите велат дека неговиот естетски код не може лесно да се стави во рамка и дека музиката му е лизгава како риба, кога станува збор за каква било детерминација. Ино креира вивидни и емотивни музички пејзажи. Вели дека го користи креативниот процес на декомпозиција во својата работа, дека го расчленува јадрото на музиката до нејзиниот последен атом, за да дојде до нејзината суштина. Соработувал со низа познати музичари како Лу Рид, со британскиот електробенд „The Orb“, со својот брат Брајан Ино... Автор е и на музиката за серијата наградена со „Еми“ – „State of the Union“, работена по сценарио на Ник Хорнби, во режија на Стивен Фрирс. бт/нд/

 

Остани поврзан