• четврток, 26 декември 2024

Конференција „Предефинирање на моќта на заедниците преку креативен активизам и ангажирана уметност“

Конференција „Предефинирање на моќта на заедниците преку креативен активизам и ангажирана уметност“
Скопје, 30 септември 2022 (МИА) - „Време за ресетирање - Предефинирање на моќта на заедниците преку креативен активизам и ангажирана уметност“ е насловена конференцијата што ќе се одржи денеска и утре во организација на Центарот за современи уметности – Скопје и Фондацијата Отворено општество – Македонија. Познати теоретичари, ангажирани уметници, активисти и организации што промовираат слични или комплементарни иницијативи ќе ги анализираат научените лекции и ќе ги продискутираат претстојните предизвици и можности. Целта е да се капитализираат овие искуства со надеж дека ќе се инспирираат уште покреативни и поиновативни граѓански акции, ќе се создадат позитивни синергии и учења и ќе се постигне ефект на мултипликатор во заедниците во иднина. - Многу демократски влади на Западниот Балкан - па и надвор од него - бележат неповолни тенденции и се предмет на назадување поради тоа што се придвижуваат во авторитарна насока. Широкозастапен е консензусот дека граѓанскиот ангажман е клучен за поттикнување на балансирана власт и токму затоа се вложуваат значајни ресурси во подигнувањето на граѓанската свест за важните прашања, стои во најавата од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Претставниците на граѓанското општество (организациите, активистите, уметниците и различните платформи за дејствување) создаваат наративи насочени кон развивање интерес за ангажман на општата јавност, како и за граѓанско мобилизирање во кампањи за застапување. Сепак, се наведува во соопштението, се уште се ограничени ефективната граѓанска мобилизација и јавното дејствување, во смисла на опфат и влијание. Од друга страна, посочуват од Фондацијата, има видливи примери на мали неформални акции и ангажирани уметнички проекти коишто го користат својот потенцијал за предизвикување општествени промени. Се повеќе и повеќе креативниот активизам - самиот по себе или во комбинација со постоечките форми на граѓански притисок и претставување, сметаат меѓу другото во Фондацијата Отворено општество – Македонија, има потенцијал да им вдахне енергија на луѓето и на организациите и да поттикнува култура на креативност. цр/мд/

Остани поврзан