• петок, 05 декември 2025

Контра меѓу министерката за туризам на Грција и атинскиот градоначалник поради графитите и слоганите против Израел низ Атина

Контра меѓу министерката за туризам на Грција и атинскиот градоначалник поради графитите и слоганите против Израел низ Атина

Атина, 2 септември 2025 (МИА) – По повод широко распространетите навредливи и заканувачки графити што се забележуваат по ѕидовите на Атина, со пораки против Израел и израелските граѓани, би сакала да ја изразам нашата силна загриженост за негативната слика што во странство може да се создаде за главниот град, пишува министерката за туризам на Грција Олга Кефалојани во писмото испратено до атинскиот градоначалник Харис Дукас, кој пак од своја страна ѝ порача дека се поистоветува со ставовите на израелскиот амбасадор, јави дописничката на МИА од Атина.

Кефалојани во нејзиното писмо пишува дека Атина е отворен и демократски град кој секоја година пречекува милиони посетители, без оглед на нивниот пол, вера, националност или лични убедувања, а сликата на главниот град треба да ги одразува вредностите карактеристични за Грција и Грците: гостопримството и почитта, „без да се остава простор за појави на расизам, антисемитизам и нетрпеливост“.

- Од ваша страна, особено важно е да постојат итни и суштински иницијативи со цел да се заштити сликата на градот и да се гарантира дека Атина останува безбеден и гостопримлив главен град, пишува министерката за туризам.

Атинскиот градоначалник, преку социјалните мрежи го објави писмото заедно со фотографии на кои се чистат графитите и пораките од ѕидовите и коментираше дека „уште едно министерство учествува во владиниот фронт против општина Атина“.

-Министерството за туризам со големо задоцнување се сети на графитите и Израел, целосно поистоветено со ставовите на израелскиот амбасадор, напиша Дукас.

На ова, следеше и одговор од министерката за туризам, која изјави дека објавата на атинскиот градоначалник на социјалните мрежи предизвикува „непријатно изненадување“ и посочи дека „Атина не може да стане град на страв и навредливи слогани и не треба да се идентификува со расизам, антисемитизам и нетолеранција“.

Пред еден месец амбасадорот на Израел во Грција Ноам Кац во интервју за „Катимерини“ упати критики до градоначалникот на Атина не прави доволно за да ги заштите посетителите од одредени групи и не го чисти градот од графити поради кои израелските туристи не се чувствуваат пријатно, на што Дукас реагираше и порача дека не прифаќаат „лекции по демократија од оние кои убиваат цивили“.

Во изминатиот период имаше протести и во Атина и на островите Сирос, Родос и Крит против израелските туристи и официјалната политика на Израел и, како и за поддршка на палестинскиот народ. ср/

Фото: МИА/ Градоначалник на Атина - Харис Дукас

Остани поврзан