• петок, 22 ноември 2024

Конституиран Советот на Град Скопје, Трајко Славески претседател

Конституиран Советот на Град Скопје, Трајко Славески претседател
Скопје, 17 ноември 2021 (МИА) - Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде претседател на Советот на Град Скопје. Конститутивната седница се одржа во МКЦ, кино „Фросина“ и ја водеше најстариот советник Никола Пановски, а се верификуваа мандатите на новите 45 советници. На советниците им се обрати градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, која им посака успешна работа во следните четири години. Изрази надеж дека советниците со својата работа ќе придонесат за да се подигне квалитетот на работењето. Советникот Владимир Нелоски од ВМРО-ДПМНЕ предложи Славески да биде претседател на Советот, по што доби поддршката од 24 советници. Поранешниот претседател на Советот Љубица Јанчева од СДСМ предложи да се гласа поединечно, а 26 советници гласаа за Славески. Советниците од СДСМ гласаа против или беа воздржани. Јанчева изјави дека поединечното гласање е најдемократската алатка како начин на изјаснување на советниците и убав пример да се види кој како гласа, не само со кревање на рака, туку и со јасно изразена мисла. - Секој советник гласа по сопственото убедување и волја, рече Јанчева, додавајќи дека очекува максимална соработка со сите советници и советнички групи. Соопшти дека советничката група на СДСМ и коалицијата ќе дејствуваат како опозиција и да бидат конструктивни. Славески по седницата изјави дека Советот на Град Скопје е составен од квалитетни професионалци кои ќе работат во интерес на граѓаните на главниот град. -Тука ние сите сме еднакви, без разлика од која политичка партија или движење доаѓаме затоа што во Советот на Град Скопје или градските прашања и проблеми нема многу простор за политика, идеологија, геополитика...Тука станува збор за прашања од суштинско значење за квалитетот на животот на граѓаните, како што е квалитетот на воздухот, мобилноста, сообраќајот, паркирањето и инфраструктурата, кои ние сега треба да ги решаваме, изјави Славески. Додаде дека Советот ќе дава поддршка на градоначалничката Данела Арсовска, но во исто време ќе биде и контрола на нејзината работа, на работата на јавните претпријатија и на сите други институции од областа на образованието, културата, социјалната заштита..., кои се во надлежност на Град Скопје. Според него, состојбата во јавните претпријатија воопшто не е добра. - Тие се соочуваат со финансиски проблеми, со загуби, со превработеност, со партизација итн., рече Славески. Смета дека еден од приоритетите на Советот и на градоначалникот е да добиеме ефикасни јавни претпријатија и институции во иднина. Прашан за новата локација која треба да се избере, а каде би се преместила администрацијата на Град Скопје, Славески рече дека треба да се слушне предлог и додаде оти не размислувал за тоа. Посочи дека остануваат во оние простории во кои функционира Град Скопје и Советот. - Најверојатно, како што е ред, градоначалникот ќе изврши ревизија на досегашното работење на претходниот градоначалник, на службите, на јавните претпријатија и мене ме интересираат некои детали околу таа операција, трансакција, неуспешна за нова зграда или простории на Град Скопје, изјави Славески. Одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се одржуваат седниците на Советот во иднина, Славески рече дека се уште немал средба со службите на Град Скопје и додаде оти треба да добие инструкции. Според него, ќе треба да се почитуваат сите протоколи кои се предвидени и препорачани од Комисијата за заразни болести. Најави дека ако има услови за одржување седници со физичко присуство, тие ќе се одржуваат на тој начин. Ако нема услови, тогаш седниците ќе бидат онлајн. Советникот Реџеп Исмаил од Левица и уште тројца негови сопартијци му дадоа поддршка на Славески.-Ова е само поддршка за избор на претседател. Ова не значи коалиција или постојано мнозинство во Советот. Ние за секоја седница, за секој дневен ред ќе си имаме наши ставови, кои ги формираме и ќе гледаме да ги внесеме нашите приоритети од програмата, рече Исмаил. Оцени дека првата седница на Советот поминала ефикасно. Славески доби поддршка и од советниците од ЛДП и ДОМ. Советничката Теодора Крстевска изјави дека нема да бидат во коалција со мнозинството. - Единствената причина зошто гласавме „за“ беше за да имаме конструктивен Совет. Гласавме лично, поради тоа што професорот Славески е докажана личност, со интегритет, доблесна личност, кој веруваме дека ќе ги застапува сите советници, без рзалика кој е мнозинство, а кој опозиција, рече Крстевска. Изрази надеж дека тој и градоначалничката Арсовска ќе ги земат предвид нивните проекти. Новиот Совет на Град Скопје го сочинуваат 45 члена, а нивниот мандат трае четири години. мд/дма/

Остани поврзан