• вторник, 24 декември 2024

Конкурс за прием на нови членови во Друштвото на писателите на Македонија

Конкурс за прием на нови членови во Друштвото на писателите на Македонија
Скопје, 27 октомври 2022 (МИА) - Друштвото на писатели на Македонија ќе распише Конкурс за прием на нови членови. Според одлуката, која е донесена едногласно на состанокот на Претседателството на ДПМ одржан вчера, Конкурсот ќе биде отворен од 1 до 15 ноември 2022 година. Како што информираат од писателската асоцијација, сите заинтересирани кандидати треба да достават во Друштвото: молба за прием во ДПМ потпишана своерачно, со адреса, мејл и телефон за контакт, како и согласност доколку бидат избрани - да уплатат членарина од 600 денари годишно за наредната 2023 година.

- Треба да се достави и: био-библиографија со податоци за сите објавени книги досега, но и со податоци за наградите, признанијата и слично. Но, најбитно е да се достават најмалку две објавени книги и две препораки од писатели – членови на ДПМ (препораките не смее да бидат од членовите на Претседателството на ДПМ, бидејќи тие ќе одлучуваат за приемот на новите членови, а еден писател – член на ДПМ може да даде само една препорака), наведуваат од ДПМ.

Гласањето ќе биде тајно и секој што ќе освои мнозинство гласови (шест или повеќе од вкупно единаесетте членови на Претседателството на ДПМ) ќе биде примен за нов член на ДПМ. 

Документите се доставуваат во Друштвото во работните денови од 8-16 часот, а учесниците од странство своите документи можат да ги испратат преку пошта на адреса Друштво на писателите на Македонија, ул.Максим Горки бр.18, 1000 Скопје, или на мејл: drustvonapisatelimk@gmail.com

Новите членови на Друштвото на писателите на Македонија ќе бидат избрани на крајот од месец ноември оваа година и ќе бидат известени преку медиумите и социјалните мрежи, стои во соопштението. вг/сп/ 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан