„Мојот свет во стихови“ - конкурс за поезија за деца
- „Секое дете ќе добие благодарница, ќе настапи пред публика и ќе понесе мали подароци и изненадувања!“, напиша Глоѓуновска.
Скопје, 6 сeптември 2025 (МИА) - Писателката Ивана Глоѓуновска објави конкурс за поезија, насловен „Мојот свет во стихови“. Конкурсот е наменет за „сите деца, од 7 до 14 години, кои сакаат да пишуваат или рецитираат“, како што се наведува во повикот.
- Настанот е наменет за деца од основно образование кои сакаат да читаат своја или избрана поезија. Секое дете ќе добие благодарница, ќе настапи пред публика и ќе понесе мали подароци и изненадувања!, напиша Глоѓуновска на Фејсбук.
Стихотворбите треба да се испратат на и-мејл: glogunovskai@gmail.com , или на месинџер (кликни на линкот). Со творбата од 20-ина реда, треба да се испратат име и презиме на младиот поет или поетеса, возраста и контакт од родител или старател.

Како организатори на конкурсот се јавуваат и писателката Марга Велеска и педаготот Тања Филиповска-Здравевска.
- Тоа ќе биде поетско читање за деца што ке се одржи во Културниот дом во Сопиште. Значи, за деца од 7 - 14 години. А што друго ќе има - сакаме да остане изненадување, изјави Велеска за МИА.
Како што таа нагласи, сѐ тоа ќе биде заокружено со вечер на поетско читање, којашто ќе се одржи во Домот на културата во Општина Сопиште. Датумот ќе ќе биде дополнително соопштен. си/
Фото: Создадено со ВИ.