• сабота, 23 ноември 2024

Кондовски: Во Битола ќе има шелтер центар за поддршка на жртви од семејно насилство

Кондовски: Во Битола ќе има шелтер центар за поддршка на жртви од семејно насилство
Битола, 25 октомври 2021 (МИА) - Најавувам формирање Центар за поддршка и различни видови на помош за жени во делот на правна, социјална и психолошка поддршка, посебно на жени и деца жртви на семејно и родово базирано насилство, изјави кандидатот за градоначалник на Битола од СДСМ Христо Кондовски. Кондовски појасни дека Центарот ќе се формира во соработка со здруженијата и фондациите кои работат во оваа област. -Предвидуваме шелтер центар, преку кој жените покрај тоа што ќе добијат безбедност, ќе го трасираат својот пат кон финансиска стабилност и независност за себе и за своите деца. Исто така, ќе изградиме чупе парк. Простор оплеменет и прилагоден за одржување на настани во организација на женските здруженија. Паркот ќе биде опремен со реквизити за забава и разонода  за млади мајки, пензионерки, спортистки, за сите жени во нашиот град. Овој проект ќе се реализира во соработка со јавните претпријатија „Комуналец“ и „Нискоградба“. Општината за оваа цел ќе намени буџет од 20.000 евра, посочи Кондовски. Новата локална самоуправа ќе отвори и клубови и здруженија на рурални жени. - Со овој проект ќе се зголеми бројот на жени кои се регистрирани како самостојни земјоделки и жени сопственички на земјоделско земјиште или имот. Овој проект ќе се реализира во партнерство на општината со УСАИД и УНДП програмите. Со нивна помош ќе се изврши опремување и адаптација на просториите кои се во сопственост на Општина Битола. Само со заемна почит и рамноправност Битола можеме да ја градиме како здраво и напредно општество, истакна Кондовски. мт/мд/

Остани поврзан