• среда, 19 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Комунални работници во Тетово бараат исплата на три плати и придонеси за 14 месеци

Комунални работници во Тетово бараат исплата на три плати и придонеси за 14 месеци

Тетово, 19 март 2025 (МИА) – Дваесетина работници од работната единица Паркови и зеленило при Јавното комунално претпријатие „Тетово“ денес останаа во кругот на нивните простории и не излегоа на терен да работат во знак на револт што не им се исплатени три плати и придонеси за вкупно 14 месеци.

Според овие работници вкупно 190 вработени во ЈКП „Тетово“ се соочуваат со истата ситуација, а освен нив се и одделенијата за православни гробишта, службата за чистење на улиците со метли и администрација.

- Не ни е исплатена плата за декември 2023 година, јануари 2025 и февруари 2025 година. Не ни се платени придонеси од декември 2023 заклучно со ноември 2024 година, како и за јануари 2025 и февруари 2025 година, информираат работниците.

Според работниците тоа што во декември 2024 година беше објавено од Општина Тетово дека се исплатени сите плати не е точно. Советот на Општина Тетово на 11 декември 2024 донесе одлука за покривање на загубите на ЈКП „Тетово“ во висина до 60 милиони денари за четири плати и придонеси 2024 година.

- Ние доаѓаме на работа ама нема да работиме на терен, сè додека не се исплата сите плати. Ни вети градоначалникот уште пред Нова година ќе биде до јануари или февруари се исплатено, но еве повторувам нема плата за декември 2023 и јануари 2025 и февруари 2025 година и 14 месеци неплатени придонеси. Ние сме тука сите работници над 50 години, сите сме со лекарства, ни требаат редовно плати. Сите имаме и кредити, рече еден од работниците.

Од Општина Тетово информираат дека до крајот на неделата се прават напори да се исплатат две плати. ас/дма/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан