• среда, 27 ноември 2024

Комора на приватно здравство: Висината на капитацискиот бод да се одредува според методологија

Комора на приватно здравство: Висината на капитацискиот бод да се одредува според методологија
Скопје, 6 септември 2022 (МИА) – Комората на приватно здравство при Сојузот на стопански комори на Македонија го поддржува протестот на матичните лекари и на Здружението на приватни лекари, како што истакнува, како релевантни претставници кои ги обединуваат и артикулираат ставовите и интересите на најголем број од лекарите и здравствените установи во примарната здравствена дејност. Комората смета дека нивните барања се легитимни и реални, а системот е неодржлив, за што посочува дека се доказ големиот број проблеми кои се јавуваат. -Капитацискиот бод не може и не смее да се биде политичка одлука, туку бодот мора да се пресмета според посебна методологија, која ќе ги вкалкулира сите трошоците и ќе даде реална цена на услугата, вели д-р Тања Дејаноска, претседателка на Комората за приватно здравство, при ССК. Таа истакнува дека секој друг пристап е неодржлив и предизвикува постојано деградирање и уништување на здравствениот систем. -Новата сериозна закана што доаѓа поради енергетската криза дефинитивно ќе удри најсилно по ординациите на лекарите посебно во руралните средини и во помалите места и тие ќе бидат принудени да ги затворат нивните ординации. Лекарите ќе останат без работа, а пациентите во тие места ќе останат без лекари. Ќе се создаде вистински хаос, вели д-р Дејаноска, пренесува ССК. Преку својот претставник во Управниот одбор барањето за зголемување на капитацискиот бод за матични лекари и матични стоматолози Комората за приватно здравство го поставила на дневен ред на Управен одбор во ФЗОМ уште на 27 јануари годинава. -Барањето го аргументиравме со соодветни пресметки кои покажуваат реален пораст на трошоците на здравствените установи од примарната здравствена дејност, што доведува и до пораст на цената на услугата која тие ја даваат.  Оттогаш до денес нема промени.  Во меѓувреме, годинава имаше ново зголемување на платите на вработените во ФЗО како и на вработените во јавните здравствени установи, исто како и изминатите години. Со што е очигледна дискриминаторската политика на ФЗО кон приватните здравствени установи. За јавните здравствени установи исто така во континуитет се обезбедуваат средства за сервисирање на долговите кои ги генерираат и им се зголемуваат буџетите, додека за матичните лекарите кои се дел од истиот систем нема никаква поддршка, истакна претседателката на Комората на приватно здравство. Од Комората наведуваат и дека очекувале дека министерот за здравство Беким Сали со поголема енергија ќе се посвети на подобрување на состојбите во примарната здравствена заштита. -Очекувавме поголема ангажираност и разбирање за проблемите на матичните лекари од министерот Сали бидејќи доаѓа од примарното здравство. За жал, не само што не се постигна дијалог туку не се реши ниту еден проблем. Исто така, истакнуваме дека не сите проблеми со кои се соочуваат приватните здравствени установи се со финансиски импликации, за некои треба само добра волја за да се решат, но според тоа како се одвиваат работите и тоа недостасува, истакнува Дејаноска, потенцирајќи дека во наредниот период ќе се преземат и правни мерки против дискриминација на приватните здравствени установи.лв/са/

Остани поврзан