• четврток, 26 декември 2024

Комеморативна седница за академик Луан Старова

Комеморативна седница за академик Луан Старова
Скопје, 2 март 2022 (МИА) - Македонската академија на науките и уметностите, Друштвото на писателите на Македонија и Катедрата за романски јазици и книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во МАНУ денеска ќе одржат заедничка комеморативна седница по повод смртта на академик Луан Старова. Академик Старова, редовен член на МАНУ, почина на 24 февруари 2022 година, на 81-годишна возраст. Роден е на 14 август 1941 година во Поградец, Албанија, а од 1943 година со семејството се преселува и живее најнапред во Струга, кратко време во Тетово, а потоа во Скопје од 1945 година. Основното образование завршува училиштето „Гоце Делчев“ во Скопје, во учебната 1955/1956, на македонски јазик, со што ја одбележува својата билингвална предодреденост – албанскиот како мајчин јазик и македонскиот како јазик на кој се образува. Матурира во гимназијата „Јосип Броз Тито“, во учебната 1960/1961 г. Во текот на студирањето се вработува како новинар, а потоа и како главен и одговорен уредник на весникот „Млад Борец“. По дипломирањето во 1967 година, во Радио Скопје работи како новинар. Во 1968 г. станува главен и одговорен уредник на емисиите на албански јазик на Телевизија Скопје и истата година започнува да ги следи постдипломските студии по теорија на книжевноста, со специјалност од француската литература на Сечилиштето во Загреб. Под менторство на проф. д-р Антун Поланшчак го брани магистерскиот труд на тема „Балканот во прозата на Гијом Аполинер“, а во текот на 1972/1973 г., како стипендист на француската Влада престојува во Париз, на специјалистички студии на Универзитетот Нова Сорбона. Во 1974 г. е избран за асистент на Филолошкиот факултет во Скопје на групата за француски јазик и книжевност, по предметот француска книжевност. Повторно, како стипендист на француската влада, во текот на 1975 г, престојува во Париз, каде што работи на својата докторска дисертација. Во 1979 година е избран за потпретседател на Републичката комисија за културни врски со странство на Македонија. Бил прв главен и одговорен уредник на македонското издание на Гласникот на УНЕСКО, член на редакцијата на меѓународното списание ,,Балкан –Форум’’, Во 1985 г. е именуван за вонреден и ополномоштен амбасадор на СФР Југославија во Република Тунис. Именуван е и за прв амбасадор на СФРЈ во Палестинската држава. За овие свои дипломатски мисии, од претседателот на Република Тунис, го добива високото одликување Голем офицер од редот на Републиката и посебно признание од Јасер Арафат како прв амбасадор во државата Палестина. Во 1990 г. е избран за редовен професор по предметот француската книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Избран е и за шеф на Катедрата за романски јазици и книжевности. Во 1994 г. е именуван за прв вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Република Франција, како прв постојан претставник во УНЕСКО и нерезидентен амбасадор во Шпанија и Португалија. Во 1997 г. е избран за член на Академијата на амбасадорите, односно Prix des Ambassadeurs при Француската академија. Во 1998 г. е избран и за редовен член на Медитеранската академија, со седиште во Неапол. По завршувањето на својата дипломатска мисија, се враќа во земјата и продолжува да работи како професор по француска книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Избран е како визитинг професор на Универзитетот за источни студии во Неапол, а предава француска книжевност и на Универзитетот на Источна Европа „Ван дер Штул“ крај Тетово. Бил потпретседател на Друштвото на писателите на Македонија и на Советот на Струшките вечери на поезијата. Старова е автор на обемно научно дело од областа на романистиката, поспецијално на француската книжевност, албанската и македонската, како и компаративната книжевност. Автор е на над 200 библиографски единици на разни стручни, научни трудови и студии објавувани во земјата и странство. За своите книжевни дела е добитник на повеќе национални и меѓународни признанија. Во 2022 од страна на Академијата за науки и уметности во Албанија предложен е за Нобелова награда. Почесен член на Академијата на науките на Албанија е од 2006 година, на Медитеранската Академија во Неапол е член од 2011 година, а од 2014 г. е член на Европската академија на науките во Салцбург, член е на научното друштво ,,Лајбниц’’ од Берлин од 2016 г. За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2003 г. Бил секретар на Одделението за уметност, а во периодот 2016-2019 беше потпретседател на МАНУ. фф/бак/

Остани поврзан