Комеморативен настан во Виница во спомен на Ана и Моника и на сите жртви во „Пулс“
- Општина Виница синоќа организира комеморативен настан по повод една година од трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 млади луѓе, меѓу кои и виничанките Ана и Моника.
Виница, 16 март 2026 (МИА) - Општина Виница синоќа организира комеморативен настан по повод една година од трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 млади луѓе, меѓу кои и виничанките Ана и Моника.
На комеморацијата во сеќавање и почит кон Ана, Моника и сите млади животи што прерано згаснаа присуствуваа многу граѓани, а во програмата се провлекуваше силна порака на заедништво, непребол и незаборав - велат од Општина Виница.
Настанот беше проследен со емотивен рецитал во изведба на ученички од СОУ „Ванчо Прке“ - Виница, кои преку стиховите ја пренесоа болката, но и надежта дека споменот за нив ќе продолжи да живее. Во музичкиот дел настапи Лазар Велков, чија изведба дополнително ја продлабочи почитта кон загинатите, се наведува во соопштеието.

На самиот крај од настанот сите присутни заеднички создадоа ѕвездено небо во салата - симболичен чин со кој секоја светилка стана потсетник дека споменот за нив ќе продолжи да свети засекогаш. ис/ев/
ФОТО: Општина Виница