• петок, 22 ноември 2024

Коен: Мандатот на Гутереш претставува опасност за светскиот мир

Коен: Мандатот на Гутереш претставува опасност за светскиот мир

Тел Авив, 7 декември 2023 (МИА) – Шефот на израелската дипломатија, Ели Коен, оцени дека мандатот на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, претставува „опасност за светскиот мир“, реагирајќи на одлуката на Гутереш да се повика на клаузулата 99 од Повелбата на ОН и потоа да повика на интервенција на Советот за безбедност во војната меѓу Израел и Хамас. 

Гутереш се повика на член 99 од Повелбата на ОН, во која се наведува дека „Генералниот секретар може да му го сврти вниманието на Советот за безбедност за секое прашање што, според него, може да го загрози одржувањето на меѓународниот мир и безбедност“. 

Во пораката на платформата X, Коен тврди дека одлуката на Гутереш „претставува поддршка за терористичката организација Хамас“ и го одобрува убиството на израелските старешини, киднапирањето бебиња и силувањето жени, јави „Тајмс оф Израел“. 

„Секој кој го поддржува светскиот мир мора да го поддржи ослободувањето на Газа од Хамас“, напиша Коен. 

Ова е првпат од стапувањето на функцијата, во 2017 година, Гутереш да се повика на овој член од Повелбата на ОН и првпат некој генерален секретар да го користи ова свое право од сега далечната 1989 година. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан