• понеделник, 23 декември 2024

Коен: Израел поблиску од кога било до договор за прекин на огнот со Хезболах

Коен: Израел поблиску од кога било до договор за прекин на огнот со Хезболах

Ерусалим, 14 ноември 2024 (МИА) - Израелскиот министер за енергетика Ели Коен денеска изјави дека Израел е поблиску до постигнување договор за прекин на огнот со либанскиот Хезболах од кој било период од почетокот на војната.

Коен, член на највисокиот израелски безбедносен кабинет, изјави дека Израел мора да ја задржи својата слобода на дејствување во Либан доколку се прекрши некој договор.

„Клучен камен на сопнување за Израел е обезбедувањето слобода на дејствување доколку Хезболах се врати во пограничните области каде што може да претставува закана за израелските заедници“, рече Коен.

Израелските медиуми објавија дека одговорот на Либан на предлогот за прекин на огнот испратен до Бејрут од САД би можел да пристигне во следните 24 часа.

Министерот за стратешки прашања Рон Дермер оваа недела беше во Вашингтон за да разговара за последните детали од предлогот, вклучително и писмените гаранции дека Израел има слобода да дејствува против заканите на Хезболах во Либан, со претставници од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден.

Дермер се сретна и со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.

Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар неодамна изјави дека е постигнат одреден напредок во напорите за постигнување прекин на огнот во конфликтот со Хезболах.

Малку подоцна израелскиот министер за одбрана Израел Кац објави дека Израел нема да се повлече додека не се постигнат целите на војната. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан