• понеделник, 23 декември 2024

Ковачевски: „ФЕЦ Новаци“ најголемата приватна фотоволтаичната централа на Балканот е чекор напред кон нашата енергетска независност

Ковачевски: „ФЕЦ Новаци“ најголемата приватна фотоволтаичната централа на Балканот е чекор напред кон нашата енергетска независност

Скопје, 29 септември 2023 (МИА) - Најголемата приватна фотоволтаична централа на Балканот „ФЕЦ Новаци“ со капацитет од 55 мегавати и проектирано годишно производство од 85.000 мегават часови електрична енергија, инвестиција на компанијата Меј Енерџи од 40 милиони евра што се простира на површина од 57 хектари во општина Новаци на само 50 метри од одлагалиштето на јаловина од рудникот Суводол, денеска официјално беше пуштена во работа. Централата ќе ги задоволува годишните потреби на 30.000 семејства за електрична енергија.

-Зборуваме за иднината и за нови проекти кои носат стабилност и сигурност во снабдувањето со електрична енергија што значи силна економија и подобар животен стандард за граѓаните. Не случајно не нарекуваат земја на сонцето. Убеден сум дека оваа фотоволтаична централа ќе дава за 20 до 25 отсто повеќе од предвидениот капацитет од 85.000 мегават часови зашто сончевата инсолација во нашата земја е најдобра во однос на сите држави во светот, рече премиерот Димитар Ковачевски во својот говор.

Тој посочи дека оваа земја на сонце која во моментов е пример за енергетска трансформација може да биде најдобриот пример како земја-членка на ЕУ за зелен центар на ЕУ во моментот кога до 2030 година ќе станеме земја-членка на Унијата.  

- Стабилноста во обезбедувањето на електрична енергија преку сите расположливи ресурси е наш врвен приоритет. Ги имаме природните потенцијали: вода, ветер, над 280 сончеви денови секоја година, што е над европскиот просек, поради што од државата почнавме да создаваме Зелен енергетски центар во Европа, рече Ковачевски.

Истакна дека во 2016 година во нашата држава имаше инсталирано 16 мегавати од обновливи извори на енергија, во моментов има 450, а до крајот на годината, како што кажа, ќе достигне до 600 мегавати.

null

-Конечно, после 30 години избравме приватен инвеститор за изградба на најголемата пумпна хидроцентрала на Балканот „Чебрен“ која има огромно значење за декарбонизацијата и за праведната енергетска транзиција. „ППЦ“ од Грција во конзорциум со „Архиродрон“ треба да го изградат овој проект и да го работат заедно со државната компанија ЕСМ. Проектот треба да се реализира за седум години, рече Ковачевски и додаде дека таму ќе биде изградена брана од 192 метри што е една од највисоките светски брани.

Во план е, посочи, изградба на најголемиот агриволтаичен парк „Стипион“ од француската компанија „АКИО“  со капацитет од 400 мегавати, најголемиот ветерен парк „Вирови“ од 400 мегавати на германската компанија „ВиПиДи“ и нова когенеративна електрана на природен гас од грчката компанија „Митилионеос“.

-Токму ние ја направивме првата енергетска транзиција на електрана на јаглен, во РЕК Осломеј. На постојната стара термоелектрана со капацитет од 120 мегавати, во моментот има изградено една фотонапонска централа од 10 мегавати на локацијата на стариот рудник и дополнително во фаза на градба се уште 100 мегавати од страна на приватни инвеститори. По истиот принцип, во финална фаза се и физибилити студии, за нови над 300 мегавати фотонапонски централи на стариот рудник во РЕК Битола, нашиот најголем производител на електрична енергија од јаглен. На локацијата во РЕК Битола, планирана е изградба и на комбинирана гасна централа, која во иднина ќе може да работи и на водород и на тој начин целосно ќе се исфрли јагленот од употреба, истакна Ковачевски.

Министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека до 2016 година во земјава имаше капацитети за производство на електрична енергија од сонце со не повеќе од 17 мегавати, а сега има точно 393,6 мегавати.

-Тие денеска произведуваат електрична енергија и се целосно приклучени на преносна и дистрибутивна мрежа и годишно произведуваат над 610 гигават часови со што ја покриваат годишната потреба на 198 илјади семејства. Моментално во Регулаторната комисија за енергетика има издадено лиценци за до крајот на годинава инсталираниот капацитет да надмине 550 мегавати само во делот на фотонапонските централи, рече Бектеши.

Со тој капацитет, како што кажа, ќе се покријат годишните потреби на над 270 илјади семејства во државата во делот на снабдувањето со електрична енергија.

-На дистрибутивната мрежа се приклучени околу 700 илјади домаќинства и се гледа дека само во рок од две години само од соларната енергија се покриваат потребите на речиси повеќе од 30 отсто од нив. Тука нема да застанеме. При крај е носењето на правилникот за воведување на батерии што ќе овозможи земјава да биде лидер во регионот во снабдувањето со електрична енергија од обновливите извори на енергија, рече Бектеши и додаде дека Меј енерџи уште долго време ќе биде најголем капацитет во делот на фотонапонските централи со најголема инвестиција во регионот на Западен Балкан со актуелните 55 и дополнителните 20 мегавати кои ќе почнат со изградба во текот на наредната година.

Најави дека е почната процедура за издавање одобренија и за други и домашни и странски инвеститори со што потполно ќе се реализира Стратегијата за развој на енергетиката во делот на обновливи извори за енергија. 

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски верува дека изградбата на оваа фото електрична централа е поттикната и од мерките што во изминативе години ги презеле создавајќи услови за премин кон енергетската транзиција. 

- Енергијата станува се поскапа, станува товар за стопанството и домаќинствата. Овие инвестиции и слични на нив,  се директен импут врз зголемената конкуренција на домашните компании, а за граѓаните тоа значи заштеда на домашниот буџет. И кон таквите политики, Министерството за транспорт и врски во континуитет дава сериозен придонес за реализација и промоција на зелената агенда. Минатата година ги олеснивме процедурите за поставување на фотоволтаици на кров за домаќинствата и од процедура која траеше 30 дена, сега таа трае само еден ден и веќе ги имаме посакуваните резултати, рече Бочварски.

Нагласи дека веќе сме лидери во регионот по примена на најновите еколошки стандарди, нормативи и проекти за производство на енергија од обновливи извори.

-„ФЕЦ Новаци“, која има вкупен производствен капацитет од 55 мегавати и која ќе ги задоволи потребите за електрична енергија на дури 30 илјади семејства е одличен показател дека мерките што ги нудиме се во вистинска насока и резултатите се видливи во пракса, потенцира Бочварски.

Шефќет Демировски, генерален директор на Меј енерџи, истакна дека нивниот капацитет во Новаци е целосно проектиран и изграден од домашни компании.

-Овој проект ќе придонесе за создавање на еколошки поздрава средина и економски подобро општество. Преку сонцето тука ќе се создаваат  85 милиони киловат часови електрична енергија, рече Демировски.

Тој се заблагодари на Владата и на локалната самоуправа што, истакна, ја препознале и ја поддржале нивната визија и до сите компании кои активно учествувале во реализацијата на овој проект.

-Преку реализација на овој проект создаваме услови и за други домашни и странски компании за да препознаат можност за инвестирање во енергетскиот сектор, а сотоа и за раст и развој на државата, посочи Демировски.

Градежните работи за изградба на фотонапонската централа започнаа лани во ноември. Се состои од 101.062 фотоволтаични панела. Оперативниот период на работа и е 25 години.вј/мт/

Фото: МИА и Влада

Остани поврзан