• понеделник, 23 декември 2024

Ковачевски: Намалувањето на цените се почитува и од производителите и од трговците

Ковачевски: Намалувањето на цените се почитува и од производителите и од трговците

Скопје, 16 март 2023 (МИА) - Денеска можевме да се увериме дека намалувањето на цените се почитува од производителите и од трговците, и за лебот и за тестенините и за млечните производи, рече премиерот Димитар Ковачевски кој заедно со министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Горан Трајковски претпладнево го посети супер маркетот „Рамстор“ во Капиштец.

 -Намалувањето на цените на овие производи битно ќе влијае врз џебот на граѓаните. Се покажа дека владините одлуки се исправни. Лично сакам да се уверам дека се почитуваат и применуваат одлуките, колку за тоа имаат слух производителите, добавувачите и трговците. Нема да дозволиме личен профит врз грбот на граѓаните. Очекувам компаниите да имаат разбирање за општото добро. Владата продолжува да го штити стандардот и интересот на граѓаните. Носиме одлуки кои, длабоко сум убеден, ќе го подобрат животот на граѓаните, истакна Ковачевски.

Како што информира Трајковски, повеќе од 160 инспектори се на терен низ државата, се постапува без никаква селекција, исклучиво според закон и од утрово досега, нема нерегуларности.

-Инспекциските служби се на терен и постапуваат со полн капацитет. Од утрово досега нема нерегуларности. Кон крајот на денот или утре ќе бидат соопштени детални информации за евентуални непочитувања, а казните се од 800 до 10 000 евра, потсети директорот на ДПИ.  

И министерот Бектеши потврди дека цените се намалени, за 15 отсто на тестенините и за 10 проценти на млечните производи.

фото: принт скрин 

-Имаме прилика да се увериме дека владините одлуки се добри и дека кога се сака, има простор кризата да не биде на грбот на граѓаните. Инспекциите се секојдневно на терен, прават контроли за да не се дозволат штети врз потрошувачите. Ако се утврди дека има дополнителен простор за намалување на цените, ќе ги повикаме на состанок бизнисите и ќе се донесат соодветните одлуки. Најважно е дека уште еднаш се потврдува дека ниту една компанија не прави загуби од владините мерки, а најголема придобивка имаат граѓаните, рече Бектеши.

Тој ги повика стопанските комори, производителите и увозниците да почнат со намалување на цените, имајќи го предвид трендот на намалување на цените на суровините и енергенсите.

-Во тој случај ќе има простор да им излеземе во пресрет со поддршка, за да ја задржат конкурентоста. Општествено одговорни компании треба да бидат поддржани за да се зголеми нивната конкурентност, зошто да не почнат со инвестиции за креирање нови работни места и поголем извоз, истакна министерот.

Одговорајќи на новинарски прашања, тој информира дека до крајот на наредната недела Министерството за економија ќе подготви информација за секој производ и согласно тоа ќе се креираат нови мерки кои ќе следуваат најверојатно во април. Мерките ќе бидат, нагласи, насочени кон стопанството и граѓаните.

Според Бектеши, на дневна база се следат сите случувања на цените, посебно на прехранбените производи. 

фото: МИА

Премиерот за време на посетата на маркетот купи леб, млеко, сирење, макарони и други видови тестенини. мч/лв/

фото: МИА

Остани поврзан