Ковачевски: Се прават анализите за ребалансот на Буџетот
- Во Министерството за финансии се прават анализите за ребалансот на Буџетот во којшто треба да се предвидат средства за повисоките плати на вработените во јавниот сектор што уследи по потпишувањето на Општиот колективен договор, открива премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто за МИА.
Скопје, 6 август 2023 (МИА) - Во Министерството за финансии се прават анализите за ребалансот на Буџетот во којшто треба да се предвидат средства за повисоките плати на вработените во јавниот сектор што уследи по потпишувањето на Општиот колективен договор, открива премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто за МИА.
- Овие средства се предвидени да се покријат со ребалансот на Буџетот, за којшто се прават анализи во Министерството за финансии. Откако ќе бидат завршени анализите, ребалансот ќе биде финализиран и претставен пред јавноста, посочува Ковачевски.
Со ОКД за јавен сектор, што беше потпишан на 18 јули годинава, од септември околу 130 илјади вработени во јавниот сектор треба да добијат за 10 отсто поголеми плати, како и исплата на регрес за годишен одмор, кој годинава ќе изнесува 10.000 денари, а од следната година предвидена е исплата во износ од 30 отсто од просечната нето плата.
-Со носењето на Општиот колективен договор, по цели 15 години се обезбеди системско решение кое што го осигурува континуираниот раст на платите. Заеднички со синдикатите дојдовме до прифатливо решение кое нема да зависи од волјата и желбата на ниедна политичка партија и сега или кога било. Извојувавме заедничка победа со работниците и ги решивме децениските проблеми, вели Ковачевски во интервјуто.
Во однос на инфлацијата, очекува да продолжи трендот на намалување до крајот на годината и да се одржи едноцифреното ниво, а веќе следната година да биде околу 2 процента.
- Паралелно на ова, ќе растат и платите како минималната, така просечната, пензиите и платите во јавниот сектор, вели Ковачевски.
Споредувајќи ги економските параметри сега и во времето на претходната Влада, премиерот посочува дека во периодот 2011-2017 нето платата се зголемила за 9,2 отсто, додека во периодот од 2017-2023, истата се зголемила за 59,3 отсто.
- Ако овие бројки ги споредиме од аспект и на растот на инфлацијата во овие два временски периоди, односно ако ја увидиме како се движела реалната куповна моќ на граѓаните, ќе видиме дека животниот стандард од 2017 до денес се има драматично подобрено. Кумулативно, инфлацијата од мај 2011 година до мај 2017 година изнесувала 5,7 отсто, а растот на нето платата 9,2 отсто, односно реалната куповна моќ на граѓаните се зголемила за 3,5 проценти. Во периодот пак од мај 2017 година до мај 2023, во период на пандемија како и голема економска и енергетска криза во која инфлаторниот бран не поштеди ниту една национална економија, кумулативно инфлацијата се зголемила за 29,1 отсто, Во истиот период, растот на просечната плата изнесуваше 59,3 отсто, појаснува Ковачевски. ац/бак/
Фото: МИА архива