• недела, 22 декември 2024

Ковачевски: Пред Нова година имаше 11 свлечишта  врз готови делови од автопатот Кичево-Охрид 

Ковачевски: Пред Нова година имаше 11 свлечишта  врз готови делови од автопатот Кичево-Охрид 

Скопје, 10 јануари 2024 (МИА) – Автопатот Кичево-Охрид според Договорот одобрен во Собрание требаше да биде готов трипати досега и затоа треба убаво да се анализира зошто има толку голем број пропусти и во проектирањето и во други делови на активности, порача денеска премиерот Ковачевски.

По денешното пуштање на Поликлиниката Сарај одговорајќи на новинарско прашање премиерот изрази очекување дека сите договори ќе се почитуваат така како што се потпишани. И да се прави анекс на Договорот, како што рече, тој ќе мора да биде одобрен во Собранието, како што беше случај и со претходните анекси. 

-Ќе ви кажам еден податок. Трасата е така направена да на готови делови на автопатот пред Нова година имаше 11 свлечишта, значи цели ридови беа паднати врз новоизграден автопат. Е сега треба да се прашат проектантите како можеле да проектираат свлечиште кое што веднаш паѓа врз автопатот. Од она што го гледав во проектите, јас не сум архитект, меѓутоа што ми покажуваа стручни лица за таа работа, проектот кога е направен една од косините е така направена да почнува на автопатот кај Кичево, после Кичево, а завршува во Албанија колку високо е направена. Значи, имате и такви парадокси на тој автопат. Знаете, во почетокот тој е направен набрзина на некаков проект правен на гугл мапс и тоа беше стилот на работењето во тоа време – 2015, 2016 година, меѓутоа еве сега тој е веќе 80 проценти готов, но тие свлечишта ќе мора да се регулираат, изјави Ковачевски.

Во однос на прашањето дали до крајот на изградбата автопатот ќе чини 600 милиони евра тој рече дека тоа се прашања коишто можат да ги одговорат само од Министерството за транспорт и врски и ЈПДП, а во однос на тоа дали ќе треба да се дадат дополнителни средства ќе покажат анализите на експертите во државните институции и на пратениците во Собранието. 

Во однос на тендерот за изградба на хидроцентралата Чебрен којшто пропадна, премиерот посочи дека наредните чекори кои треба да се преземат се пропишани со закон и тендерска постапка.

 – Наредните чекори се така како што се пропишани со закон и со тендерската постапка. Вие знаете дека имавме селектирано од страна на стручна комисија една странска компанија на меѓународен тендер, тие од свои причини не го потпишаа договорот и така како што е наведено МЖСПП ќе ја информира Владата, информира тој.свс/бд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан