• недела, 22 декември 2024

Ковачевски од Тирана: Ја унапредуваме соработката во Западен Балкан, на патот кон ЕУ

Ковачевски од Тирана: Ја унапредуваме соработката во Западен Балкан, на патот кон ЕУ

Скопје, 17 јули 2023 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, денеска во Тирана учествуваше на неформална средба на премиерите на земјите од Западен Балкан со еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеjи.

Како што информираат од владината прес-служба, на состанокот на еврокомесарот Вархеји со премиерите на Албанија Еди Рама, на Србија Ана Брнабиќ и на Црна Гора Дритан Абазовиќ, е разговарано за темите во насока на подготовка на состанокот на Берлинскиот процес којшто ќе се одржи во октомври во Тирана, бидејќи оваа година Албанија претседава со Берлинскиот процес.

-Клучни теми на кои разговаравме е планот на ЕУ за забрзана интеграција на земјите од Западен Балкан, којшто се потпира на неколку основни столбови а тоа е прво, побрзо приближување на земјите од Западен Балкан до заедничкиот пазар на ЕУ. Второ зголемување на фондовите за финансирање на важни регионални проекти. Трето зголемување на економската соработка и интеграција меѓу земјите од Западен Балкан и четврто забрзување на клучните реформи во секоја од државите, потенцираше Ковачевски.

Премиерот нагласил дека се работи за амбициозен план, за амбициозна агенда на која, како што се наведува во владиното соопштение, ќе работиме сите заедно и она што исто така ќе биде дел од работата во периодот до октомври и после него е исто така ратификацијата и ставањето во функција на договорите кои веќе беа потпишани на состанокот во Берлин минатата година, на кои веќе земјите работат, тука пред се се мисли на меѓусебното признавање на дипломите, како и на другите договори кои беа потпишани во рамки на иницијативата на Берлинскиот процес, а кои договори се депонирани во нашето Министерство за надворешни работи. фф/дма/

Фото: Влада на Република Северна Македонија

 

Остани поврзан