Ковачевски: Одлична дестинација сме за странските инвеститори
- Потенцијалот за странски инвестиции, како и владините политики за создавање на поволна бизнис клима за привлекување странски инвестиции, беа тема на разговор на денешната средба на премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерката за одбрана Славјанка Петровска со делегација на Hyundai Motor Group, предводена од извршниот директор, Еуисун Чунг и јужнокорејскиот амбасадор, Бае Јонинг.
Скопје, 23 август 2023 (МИА) - Потенцијалот за странски инвестиции, како и владините политики за создавање на поволна бизнис клима за привлекување странски инвестиции, беа тема на разговор на денешната средба на премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерката за одбрана Славјанка Петровска со делегација на Hyundai Motor Group, предводена од извршниот директор, Еуисун Чунг и јужнокорејскиот амбасадор, Бае Јонинг.
На состанокот, информираат од владината прес-служба, се потенцираше дека земјава нуди низа предности за инвестирање, меѓу кои и стратешка локација, блискост до солунското пристаниште, добра патна инфраструктура, а во тек е изградба и на автопатот до пристаништето во Драч.
Премиерот Ковачевски подвлече дека овие податоци заедно со договорите кои Северна Македонија ги има потпишано за слободна трговија кои овозможуваат пристап до пазарите во 40 земји со 600 милиони потрошувачи ја прават нашата земја одлична дестинација за странските инвеститори.
На средбата делегацијата на Hyundai се запозна со фактот дека во моментов 40 бизнис капацитети во нашата земја се во сопственост на странски инвеститори од Тајван, Германија, Канада, САД и за финансиската поддршка која Владата ја нуди на меѓународните инвеститори кои користат локални добавувачи.вј/аа/
Фото: Влада