• четврток, 21 ноември 2024

Ковачевски: Одговорноста за уставните измени е на сите политички партии, не само декларативно, туку реално 

Ковачевски: Одговорноста за уставните измени е на сите политички партии, не само декларативно, туку реално 

Скопје, 20 март 2023 (МИА) - Сметам дека сите политички партии и сите политичари коишто декларативно се за членство во Европската Унија, сега треба да покажат дека се и реално со одлуки, со одлучност и со визија за членство во ЕУ. Одговорноста за тоа е на сите политички партии, не само декларативно, туку реално, истакна премиерот Димитар Ковачевски на денешниот настан посветен на хуманоста и солидарноста со настраданото население на Турција и Сирија. 

Тој одговарајќи на новинарско прашање околу тоа како ќе се спроведат иставните измени, рече дека една од одлуките којашто треба да се донесе на патот кон ЕУ е и изгласување на уставни амандмани со цел остварување на обврските коишто произлегуваат од заклучоците коишто Собранието ги донесе со мнозинство гласови во текот на месец јули минатата година и коишто се дел од преговарачката рамка со 27 земји членки на ЕУ, исто како преговарачките рамки коишто ги имаат и други земји кои преговараат и имаат обврски кои треба да ги спроведат. 

-Уставните измени според тоа не се ниту еден човек што треба да ги спроведе, не се ниту процес на една политичка партија, ниту процес на една Влада, туку тоа е процес пристапување кон ЕУ којшто е за целото општество заради остварување на повисок стандард, повисоки плати и да можат нашите граѓани да живеат на земја членка на ЕУ, ама тука, во нашата држава во Северна Македонија, а не да живеат во ЕУ во туѓина, во други држави кои што се членки на ЕУ, потенцираше премиерот. 

Тој истакна дека уставните измени се пропишани со закон, и оти целата процедура е многу јасна транспарентна, која што се води од страна на Министерството за правда со експертска група која што ќе биде формирана, во која што ќе учествуаат сите експерти, а потоа истиот процес се спроведува во Собранието. 

-Ние како држава покажавме дека сме фактор за стабилност на Балканот и најголемата потврда за тоа дојде на крајот на минатата недела кога во Скопје се одржа Советот за асоцијација и стабилизација со ЕУ каде што сите можевте и заедно со нашите граѓани да ги чуете јасните ставови на потпретседателот на ЕУ и на комесарот за проширување во коишто јасно кажаа дека преговарачката рамка за нас е многу јасна, која што е поддржана од сите 27 земји членки, рече Ковачевски.см/аа/

Остани поврзан