• вторник, 24 декември 2024

Ковачевски: Обединети во вистинските вредности, градиме заедничка иднина     

Ковачевски: Обединети во вистинските вредности, градиме заедничка иднина     

Скопје, 11 април 2023 (МИА) - Ифтарската вечер, којашто ги спојува членовите на семејствата, роднините, пријателите, којашто го слави заедништвото, е само потврда дека обединетоста е меѓу врвните вредности, затоа што, секој сам можеби може, но сите заедно, сигурно можат и повеќе и подобро, порача вечерва премиерот Димитар Ковачевски на Ифтарската вечер на која што беше домаќин и на која меѓу останатите присуствуваа и поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул Улема хаџи хфз. Шаќир ефенди Фетаи, министри и членови во Владата, претседателот на Собранието, Талат Џафери, пратеници, претседатели на политички партии, уредници и други гости.

- Во оваа Ифтарска вечер, еве седиме заедно на маса, го делиме лебот, споделуваме меѓусебна почит – и ова е најдобар одраз на вредностите кон коишто сме определени. Тоа е сплотеноста, во еднакво општество за сите, во кое што заедно ги надминуваме предизвиците и заедно ги отвораме перспективите, градиме иднина – за секој човек, за секое семејство, за нашата заедничка држава, којашто е наш заеднички дом, порача премиерот Ковачевски.

Тој посочи дека годинава рамазанскиот пост се преклопува со велигденскиот, на кои се пости различно, но дека пораките на двата верски празника, и на Рамазан и на Велигден, се исти.

- Да сакаме, да сочувствуваме едни со други, да простуваме, да имаме разбирање едни за други, повика премиерот Ковачевски.

Рамазан, како што рече премиерот Ковачевски, се смета за месец на обнова на душата и телото, затоа што е шанса да се согледа и прифати вредното.

- Во пресрет на Рамазан Бајрам, ви пожелувам на сите добро здравје, спокој, радост во домовите. И да го чуваме и негуваме ова наше заедништво, во општеството по кое станавме пример и во регионот и во Европа, како се учи, работи, живее заедно, во мир. Ви посакувам пријатен Ифтар и благодарам што сте тука, порача Ковачевски во обраќањето на Ифтарската вечер. сп/

Остани поврзан