• петок, 22 ноември 2024

Ковачевски не ги откри носителите на листите, го потврди само името на Лукаревска, вели и дека Асаф Еисин не му е консултант

Ковачевски не ги откри носителите на листите, го потврди само името на Лукаревска, вели и дека Асаф Еисин не му е консултант

Скопје, 21 март 2024 (МИА) - Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски ни денеска, два дена пред партискиот конгрес, не ги откри имињата на носителите на листите за парламентарните избори. Само потврди дека Сања Лукаревска сигурно ќе биде носител на листа во една од изборните единици, но не кажа во која.

Во однос на информациите во јавноста дека наводно Лукаревска е преместена во третата изборна единица, а во втората се враќа Оливер Спасовски, Ковачевски децидно кажа дека „никој никаде не е преместен“.

-Никој никаде не е преместен. Сите наши видни членови вршат функции кои имаат државно значење. Лукаревска е заменик претседател на партијата и директор на УЈП, исклучително чесно и одговорно ја извршуваше својата работа во текот на мандатот и тоа многу јасно се гледа од анкетите и таа сигурно ќе биде носител на листа во една од изборните единици, но во која, тоа ќе оставиме да одлучат раководството на партијата, Централниот и Извршниот одбор, а на крајот, секако, и Конгресот. Состаноците ќе бидат во сабота, прво ќе се одржи состанок на ИО, потоа седница на ЦО, а во попладневните часови ќе почне и Конгресот. Ова е статутарна процедура, не е првпат, туку вака се одвива изборот на кандидати за пратеници и носители на пратенички листи од првите избори. Убеден сум дека делегатите на конгресот ќе ги изберат најдобрите кандидати кои на достоен начин ќе го претставуваат и СДСМ и нашата проевропска коалиција, истакна Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања откако засади дрвце во Капиштец, во рамки на акцијата на Општина Центар по повод Денот на пролетта. 

На прашањето кои се неговите предлози и во кого тој, како лидер на партијата, гледа носители, Ковачевски рече дека нема да одговори.

-Ова е прашање кое нема да ви го одговорам зашто и кога се работеше за претседателски кандидат на државата, се држев до етичкиот аспект и до статутарните одредби на СДСМ, бидејќи финалниот збор го даваат органите на партијата, а не само еден човек. Како што беше со претседателскиот кандидат Пендаровски кој едногласно беше утврден со гласање на конгресот, исто ќе биде и за носителите и на кандидатите за пратенички листи, подвлече Ковачевски.

Во врска со анкетата на МРТВ, според која ВМРО-ДПМНЕ има многу поголемо водство на СДСМ, Ковачевски оцени дека се прави од институт близок до ВМРО-ДПМНЕ.

- Тоа што се случува таму наликува точно на она што се случуваше до 2016 година. За тие анекти ќе ви кажам дека на исти луѓе им се јавуваат и на мобилен и на фиксен телефон, и така ги добиваат резултатите. За тоа дека се работи за лажни анкети најдобро потврдува денот на собирањето на потписите за претседателски кандидати, кога ВМРО-ДПМНЕ и таму очекуваше да има пет пати повеќе потписи, за на крај ние да собереме над 22 000 потписи. Тие објавија дека собрале повеќе, но на крај, се испостави дека нивниот претседателски кандидат ќе биде кандидиран само со потписи на пратениците што очигледно потврдува дека и тие потписи не биле толку колку што биле објавени или имало некој друг инженеринг околу нивното собирање, рече Ковачевски.

Прашан дали израелскиот експерт Асаф Еисин е консултант на СДСМ, дали тој ќе ја води кампањата, колку чинат неговите услуги и од кои пари ќе бидат платени, Ковачевски одговори дека нема таков консултант.

-Немам таков консултант, јас имам консултант кој се вика Александар. Мојата кампања, како и до сега, ја извршува шефот за комуникации на СДСМ, Александар, веројатно сите го знаете. Видеата на социјалните медиуми ги работат наши сограѓанки. Ниту Александар е Израелец, ниту овие девојки се Израелки. Мојата кампања и на претседателскиот кандидат Пендаровски ја работат баш тие луѓе. Не знам што точно одговориле од Кабинетот на Пендаровски, но ви кажувам кој ги работи моите кампањи и кој комуницира со сите вас. Не знам што точно сте го прашале и што точно одговорил, потенцира Ковачевски.

Пред изјавата за медиумите, лидерот на СДСМ засади дрвце. Осврнувајќи се на акцијата за зазеленување на Општина Центар, оцени дека Скопје е во запуштена состојба.

-Скопје е запуштено, како да нема градоначалник и Совет. Среќен сум што во мојот мандат екологијата беше високо на агендата, посебно од аспект на обновливите извори на енергија, истакна Ковачевски. мч/лв/

фото: МИА

Остани поврзан