• понеделник, 23 декември 2024

Ковачевски: Нашата дијаспора придонесува за афирмација на земјава на различни полиња

Ковачевски: Нашата дијаспора придонесува за афирмација на земјава на различни полиња

Блед, 27 август 2023 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски, кој денеска и утре учествува на Бледскиот стратешки форум, оствари средби со претставници на здруженија и асоцијации на македонската дијаспора во градот Копер при што порача дека нашата дијаспора придонесува за афирмација на земјава на различни полиња.

На средбата беше истакната заложбата на Владата да негува врски со иселениците во Словенија со што придонесува за взаемно одржување на традицијата и културата што е заедничко за сите без разлика каде живеат. Соговорниците разменија мислења за важноста од воспоставување на добри бизнис практики како и развојни проекти меѓу двете земји.

-Нашата дијаспора во Словенија преку своите бројни успеси остварени на различни полиња има голем придонес во афирмација на Република Северна Македонија во Република Словенија, посочи  Ковачевски.

На средбата се разговараше и за повеќе актуелни прашања, кои ги засегаат иселениците, а за кои Владата има разбирање, излегува во пресрет и овозможува поедноставна комуникација со родната земја на различни нивоа. Беше посочена како исклучително позитивна пракса поставувањето на базни станици, како што е базната станица во амбасадата во Љубљана со која сите иселеници кои имаат потреба, можат во секое време да ги обноват своите патни исправи, при што времето на чекање е исклучително намалено. На средбата воедно беше констатирано дека со новата воведена нискобуџетна авионска линија Скопје-Љубљана, која е субвенционирана од страна на Владата, движењето и за граѓаните и за бизнисите ќе е поедноставно и побрзо и ќе придонесе за подобра поврзаност и побрз економски развој.

Премиерот Ковачевски во разговор со иселениците врзан за предизвиците во претстојниот период ја потенцираше важноста за што побрза евроинтеграција на нашата држава. Тој истакна дека очекува дијаспората, како во многу историски важни моменти досега за нашата држава, да продолжи да дава поддршка за заокружување на процесот на европските интеграции.ев/вј/

Фото: Влада 

Остани поврзан