• вторник, 05 ноември 2024

Ковачевски: Има два политички блока - За ЕУ предводен од СДСМ и Против ЕУ предводен од ВМРО-ДПМНЕ

Ковачевски: Има два политички блока - За ЕУ предводен од СДСМ и Против ЕУ предводен од ВМРО-ДПМНЕ

Скопје, 20 март 2024 (МИА) - Без СДСМ не постои процес на европска интеграција на државата. Во нашата држава има два политички блока, едниот кој се залага за интеграција во ЕУ до 2030 година - предводен од СДСМ и вториот предводен од ВМРО-ДПМНЕ кој се залага за некакво алтернативно решение за кое не постои ниту план ниту објаснување, порача вечерва претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Ова, како што рече во интервју за Алсат М Телевизија, ќе бидат избори на кои СДСМ и коалицијата, кои застапуваат европски вредности, ќе понудат надеж на граѓаните, а од друга страна ќе има безнадежност. 

-Oна што овие политички партии од коалицијата, но и другите политички партии дел од Владата која јас ја предводев ги обедини е идејата за Европска Македонија. Доколку погледнете најголемите одлуки кои се однесуваат на евроинтеграциите, на интеграцијата во НАТО, на почнување и завршување на процесот на скрининг, беа направени токму во време на мандатот на Владата предводена од СДСМ. Зошто потенцирам СДСМ? Бидејќи без СДСМ не постои процес за европска интеграција во нашата држава, потенцира Ковачевски. 

Тргнувајќи од тој факт, додаде, во последните месеци се разговараше за една идеја како би изгледала една коалиција во која би настапиле сите политички партии кои имаат јасна визија и јасна стратешка цел за интеграција на Северна Македонија во ЕУ до 2030 година. 

-Политичката динамика во Македонија налагаше секој да ги презентира програмите во електоратот кој е традиционален електорат во политичките партии. Меѓутоа јас длабоко верувам дека во нашата држава, на крајот на денот кога ќе излезат политичките програми ќе има два блока. Едниот ќе се залага за интеграција во ЕУ до 2030 година и втор блок на политички партии предводен од ВМРО–ДПМНЕ кој ќе се залага за некакво алтернативно сценарио, за кое не постои ниту план, ниту објаснување и тоа на сите веќе ни е јасно, а и на нашите граѓани, рече Ковачевски.

Нагласи дека граѓаните може да видат како изгледа земјава како напредува во НАТО интеграциите и ЕУ интеграциите со СДСМ и како изгледала во антиквизација, а тоа, како што кажа, може да каже и ДУИ бидејќи беа дел од коалиција со ВМРО – ДПМНЕ и беа дел од Владата на СДСМ.

-И можат да ја видат точно разликата како изгледа да седите во Влада и да гласате за инвестициски планови во кои има купишта споменици на плоштадот во Скопје, жални врби во Вардар, лажен барок, кавги со соседите, меѓуетнички тензии во општеството. И да видат разлика со тоа како изгледа една влада во која се гласа за членство во НАТО, во која се гласа за отпочнување на преговори со ЕУ, во која што се склучуваат договори со соседите и впрочем да бидат во Влада која во последните седум години нема никакви меѓуетнички тензии во општеството, потенцира Ковачевски.вј/лв/

Фото: СДСМ

Остани поврзан