• недела, 22 декември 2024

Ковачевски: Заедно да развиваме перспективен Балкан, македонските вина, храна и музика вреди да се доживеат

Ковачевски: Заедно да развиваме перспективен Балкан, македонските вина, храна и музика вреди да се доживеат
Скопје, 2 септември 2022 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски вечерва се обрати на Македонската вечер која се одржува во рамки на Саемот за вино, храна и туризам, како дел од Отворен Балкан. Ковачевски се заблагодари за присуството на сите гости и за можноста да се организира ваква вечер во Белград потенцирајќи дека ова е единствена иницијатива која што е автохтона и оригинална. -Кога ќе погледнам колку гости има секогаш и колку треба да ја кратиме листата на самити кога одиме, тоа е затоа зошто луѓето сакаат, и директорите и политичарите, и сите да одат на состаноците на Open Balkan, затоа зашто ги сметаат за свои, рече меѓу другото премиерот Ковачевски. Во продолжение обраќањето на премиерот Ковачевски: -Прво, сакам да ви се заблагодарам на сите што дојдовте, но најпрвин сакам да му се заблагодарам на претседателот Вучиќ заради тоа што ако не ги решевме сите проблеми кои што постоеја помеѓу Северна Македонија и Србија немаше да биде можно да направите своја вечер во друга држава, а да направите своја вечер во друга држава е единствено можно ако се чувствувате како дома. Сакам да му се заблагодарам на премиерот на Црна Гора, на министрите од Црна Гора. На премиерот на Албанија, на министрите од Албанија кои што се присутни тука вечер. Сакам да се заблагодарам и на поранешниот премиер на Северна Македонија, Зоран Заев, кој што практично е основач на Отворен Балкан иницијативата, заедно со премиерите Рама и претседателот Вучиќ. Сакам исто така да се заблагодарам и на нашите пријатели од САД, тука е амбасадорот Хил. Тука се и претставниците на фондацијата Отворено општество. Тука се и претседателите на стопанските комори, претставниците на стопанските комори. Меѓутоа она што е најважно тука се претставниците, директорите, менаџерите на компаниите кои што соработуваат помеѓу Северна Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, се надевам дека ќе бидат тука и босанските компании, дека тука ќе бидат и косовските компании, се надеваме дека сите шест земји од Западен Балкан ќе бидат тука. Затоа  што ова е единствена иницијатива која што е автохтона и оригинална, која што потекнува од нас, сите други иницијативи јас ги почитувам, и Берлински процес и сите други интеграции, меѓутоа тие се иницијативи кои што доаѓаат од надвор, и кога ќе погледнам колку гости има секогаш и колку треба да ја кратиме листата на самити кога одиме, тоа е затоа зошто луѓето сакаат, и директорите и политичарите, и сите да одат на состаноците на Open Balkan, затоа зашто ги сметаат за свои. Зошто го имаме денес најдобриот саем според зборовите на претседателот Вучиќ, било кога направен во Европа, саем на вино, храна и туризам. Ако го правевме само ние во Северна Македонија јас од вино знам многу малку, саемот немаше да биде добар. Ако го правеше претседателот Вучиќ сам во Белград, тој не знае од продажба, бидејќи јас 20 години сум работел во компании. Ако го правеше само Рама во Албанија, тој знае многу од уметност, меѓутоа кога ќе соберете на едно место експерт за вино, експерт за продажба и еден голем уметник, тогаш виното, бизнисот и уметноста одат заедно и затоа го имаме најдобриот саем. Слоганот на нашиот настап на овој саем е „Вкуси го животот“, затоа ве повикувам сите и во овие преостанати два дена на белградското сајмиште да вкусите македонски вина, да вкусите македонска храна, да вкусите македонска музика и на крајот кога тоа ќе ви се допадне да дојдете во Северна Македонија и да вкусите една прекрасна македонска авантура, ви посакувам убава вечер и ви благодарам уште еднаш, рече премиерот Ковачевски на македонската вечер во Белград. ев/об/

Остани поврзан