• сабота, 16 ноември 2024

Ковачевски: Да бидеме солидарни за надминување на енергетската криза која е сериозна закана за образовниот процес

Ковачевски: Да бидеме солидарни за надминување на енергетската криза која е сериозна закана за образовниот процес
Скопје, 19 септември 2022 (МИА) - Голем предизвик стои пред нас зимава - енергетската криза е сериозна закана за образовниот процес. За да ги оствариме долгорочните цели, најпрво мора да се осигураме дека ќе имаме доволно ресурси за основите услови - топли и добро осветлени домови и топли и добро осветлени училници за нашите ученици зимава да имаат непречено и квалитетно образование. Ова е приоритет број еден денес, утре и во претстојните зимски месеци. Одговорот на овие предизвици може да се најде само во заемната меѓународна и меѓурегионална соработка, но најмногу од се преку солидарноста, рече премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на Самитот за трансформација на образованието што се одржува во рамки на Генералното собрание на ОН во Њујорк. Ковачевски порача дека само со вложување заеднички напори како што се прави на овој Самит и со заедничко работење, може да се најде решение за секој проблем и да се постигне напредок. -Ако сакаме нашите ученици да пораснат со добро образование, прво мора да им покажеме како ние возрасните можеме заедно да ги решиме проблемите. Во спротивно, ниту еден образовен модел или развојна стратегија нема да направи никаква разлика, ниту нешто ќе им значи, подвлече македонскиот премиер. Ковачевски во обраќањето стави акцент на заложбите и конкретните чекори за трансформација на образованието во земјава со цел, како што напомена, обезбедување квалитетно и достапно образование за сите. Самитот на кој се дебатира за унапредување на образовните системи во земјите преку трансформативни реформски процес и обезбедување квалитетно и достапно образование за секое дете, почна попладнево, со обраќање на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш. На Самитот учествуваат повеќе од 90 лидери на шефови на држави и влади кои дискутираат за најдобрите начини на унапредување на образовните системи во земјите. Ковачевски на Генералното собрание на ОН во Њујорк ја предводи македонската делегација во чиј состав се и министрите за надворешни работи и за образование и наука, Бујар Османи и Јетон Шаќири, шефот на Мисијата на Република Северна Македонија при ОН Љубомир Фрчковски и советникот за надворешни работи на претседателот на Владата, Едмонд Адеми. мч/дма/ https://www.youtube.com/watch?v=K-gg2UBovKc

Остани поврзан