• сабота, 23 ноември 2024

Бугарските клубови кои ќе се усогласат со законот и ќе се преименуваат ќе продолжат да работат

Бугарските клубови кои ќе се усогласат со законот и ќе се преименуваат ќе продолжат да работат

Скопје, 16 февруари 2023 (МИА) - Бугарските клубови кои ќе се усогласат со законот и ќе се пререгистрираат во Централниот регистар ќе продолжат со работа. Законот во целост ќе биде спроведен, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

-Согласно нашиот закон кој што е изгласан со апсолутно мнозинство во Собранието, сите имаа временски период за усогласување на имињата со новиот закон. Оние кои што тоа го направиле ќе продолжат да работат согласно законите, оние кои што тоа не го направиле, согласно законите, нема да продолжат да работат. Еден клуб веќе знам дека поднел барање за промена на името. Штом тоа ќе го направи тоа ќе биде регистрирано во Централниот регистар и ќе продолжи со работа, рече Ковачевски на новинарско прашање дали бугарските клубови Цар Борис Трети и Ванчо Михајлов за кои денеска истекува рокот за преименување ќе бидат затворени.

 Премиерот Ковачевски, додаде дека културните клубови треба да бидат места кои што ги зближуваат народите, граѓаните, а не да бидат места кои што со своите имиња или на друг начин будат негативни чувства и ги разединуваат граѓаните и народите во сосеството.

-Така што законот во целост ќе биде спроведен како што се спроведуваат и сите други закони, дециден е Ковачевски во изјавата дадена по отворање на детската градинка „Сонце“ во Волково, Скопје.

Денеска истекува рокот за преименување на здруженијата, чиишто имиња се сметаат за навредливи и претставуваат провокација, согласно законските измени за здруженија и политички партии од ноември 2022 година, ќе бидат затворени. Здружението од Охрид „Цар Борис Трети“ има поднесено барање до Централниот регистар за промена на името согласно измените во Законот за здруженија и фондации. Од Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола, пак, на ден пред истекот на рокот, сè уште немаат доставено барање за измени.

Според постоечката легислатива, доколку двата клуба не го сменат името, треба да заседава владината Комисија и да донесе став, што потоа треба да биде доставен до Министерството за правда и врз основа на тоа министерот да донесе одлука. Доколку одлуката е негативна, здружението треба да биде избришано од Централниот регистар. вг/мс/

 

Остани поврзан