• недела, 22 декември 2024

Ковачевски-Борел: Поддршката на ЕУ за Северна Македонија продолжува и на политички и на економски план

Ковачевски-Борел: Поддршката на ЕУ за Северна Македонија продолжува и на политички и на економски план

Скопје, 29 ноември 2023 (МИА) - Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ сериозно придонесе кон зајакнато позиционирање на земјава во меѓународни рамки како конструктивен актер за стабилност и соработка, констатираа вечерва на состанокот премиерот Димитар Ковачевски и потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на Европска Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел.

Билатералниот состанок се одржа во пресрет на одржувањето на 30-тиот Министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, а присуствуваа и заменик претседателот за европски прашања Бојан Маричиќ, како и амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир.

Како што информираат од Владата, на средбата се разговараше за актуелности поврзани со европските аспирации на Северна Македонија, за реформскиот напредок во клучните области и за политичките состојби во земјава.

Високиот претставник на Европската Унија, Жозеп Борел го поздрави успешното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ и се заблагодари што Северна Македонија е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на Европската Унијата.

Воедно, ја поздрави непоколебливата поддршка што Северна Македонија и' ја дава на Украина.

Двајцата соговорници разменија мислења за текот на пристапниот процес на нашата држава, како и за скрининг процесот, чиј извештај ќе биде поттик за интензивен ангажман, со цел да се забрза реформскиот процес за пристапување на Северна Македонија во ЕУ. Билатералниот скрининг е важен дел од процесот и потврда дека Северна Македонија се движи во вистинската насока, истакна на средбата премиерот.

Потпретседателот на Европската Комисија, Жозеп Борел истакна дека уставните измени се клучни за напредокот на Северна Македонија во ЕУ и апелираше дека истите што побрзо треба да се усвојат.

-Премиерот Ковачевски на средбата со високиот претставник на ЕУ Борел, изрази благодарност за силната поддршка на Европската Унија и изрази и верување дека со новиот План за раст за Западен Балкан, Унијата ќе го интензивира својот ангажман на сите нивоа за поддршка на политичката, економската и социјалната трансформација на Северна Македонија, соопштија од Владата.

Ковачевски исто така истакнал дека политиките на Владата се на линија на европската агенда и земјата има политички капацитети коишто можат да придонесат по успешно завршениот скрининг процес, со динамично темпо Северна Македонија да влезе во преговарачки процес и до 2030 година земјата да стане членка на ЕУ.  

На средбата, како што потенцираат од Владата, беа разменети ставови за Планот за раст на ЕУ, кој е од клучна важност за реформите на финансиските капацитети и економските капацитети на државите, но и јакнењето на институциите, на земјите од Западен Балкан. Ковачевски и Борел разговараа дека овој план ќе ја зголеми економијата  на Северна Македонија, и ќе и овозможи значи економско поврзување и присуство на единствениот пазар од половина милијарда потрошувачи, преку кој ЕУ стана трговска суперсила.бт/аа/

Фото/Влада

Остани поврзан