Книгата „30 современи грчки автори“ на македонски јазик беше промовирана во Атина
- Во малата книжарницата „Вакхикон“ на истоимената грчка издавачка куќа, во центарот на Атина, вчера беше промовирана книгата со поезија „30 современи грчки автори“ на македонски јазик што во петокот беше претставена и во Скопје, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 30 септември 2025 (МИА) – Во малата книжарницата „Вакхикон“ на истоимената грчка издавачка куќа, во центарот на Атина, вчера беше промовирана книгата со поезија „30 современи грчки автори“ на македонски јазик што во петокот беше претставена и во Скопје, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор за препев на македонски јазик на песните на грчки поети и поетеси, а дел од нив беа присутни на промоцијата и ги читаа нивните дела.
На настанот поздравен говор упатија в.д. амбасадорот на земјава во Грција Борис Мирчевски и издавачот Несторас Пулакос, кои се осврнаа на важноста на културната соработка меѓу двете земји.

Мирчевски посочи дека оваа соработка има огромен потенцијал, а може да има и дополнително позитивно влијание и врз други области како што се политиката, па дури и економијата, а паралелно истакна дека нашата амбасада ќе продолжи да поддржува и промовира проекти од ваков вид.
- Културата ги поврзува луѓето, а Северна Македонија и Грција како први соседи имаат огромен потенцијал и простор за соработка во различни области. Современата уметност, литературата, поезијата итн. се патиштата низ кои оваа соработка може да тече во двата правци. Поезијата е особено важна бидејќи допира и продира во душите и срцата на луѓето, овозможувајќи им подобро да се запознаат и да покажат емпатија, нагласи в.д. амбасадорот.

Издавачот и уредник на „Вакхикон“, Несторас Пулакос ги пренесе позитивните впечатоци од промоцијата на книгата во Скопје, објасни дека ова беше нивно прво претставување во странство и нагласи дека „поезијата обединува“.

Книгата на македонски јазик е издадена од „Прозарт медиа“ и е објавена со помош на амбасадата на Грција во Скопје и на грчката издавачка куќа „Вакхикон“.

Истата издавачка куќа стои и зад книгата „Антологии на млади поети од Северна Македонија“ објавена во Грција како дел од серијата „Антологии на млади поети“ и содржи песни од 13 поети и поетеси од современата македонска поетска сцена. ср/вј/
Фото: МИА