• понеделник, 23 декември 2024

Книгата „Сето тоа ќе ти го дадам“ од Долорес Редондо објавена на македонски јазик

Книгата „Сето тоа ќе ти го дадам“ од Долорес Редондо објавена на македонски јазик

Скопје, 30 мај 2023 (МИА) - Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје ја објави на македонски јазик книгата „Сето тоа ќе ти го дадам“ од Долорес Редондо. Преводот е на Виолета Јагев, која е дипломиран инженер технолог и преведувач од шпански јазик.

Како што информира „Антолог“, Долорес Редондо (1969) е баскиска писателка што пишува на шпански јазик. Студирала право и гастрономија. По дипломирањето, работела во неколку ресторани, за на крајот да отвори свој локал. Во светот на литературата влегла пишувајќи кратки раскази и приказни за деца.

Добитничка е на наградата „Премио планета“ за 2016 година. Со „Бастанската трилогија“ прераснува во глобален книжевен феномен. Трилогијата станува една од најуспешните шпански криминалистички серијали, преведена на повеќе од триесет јазици.

Наградата „Планета“ се доделува од 1952 година и е највредната книжевна награда во светот бидејќи авторот добитник добива еден милион евра. Наградата е основана од Хозе Мануел Лара Ернандез и се наградува најдобриот ракопис напишан на шпански јазик. Меѓу досегашните добитници се Марио Варгас Љоса, Рамиро Пиниља, а Ернесто Сабато ја има добиено, но одбил да ја прими наградата.

Јагев живеела во Перу 17 години, каде што на шпански јазик завршила основно и средно образование и првите две години на факултетот за петрохемија. Дипломирала на Технолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со преведување се занимава од 1979 година и има над 40 книжевни преводи. Добитник е на наградата за превод „Ванѓа Чашуле“ во 2012 година и на наградата „Кирил Пејчиновиќ“ за преведувачкиот опус во 2017 година на Советот на Меѓународната средба на книжевните преведувачи. мд/са/

Фото: „Антолог“

Остани поврзан