• вторник, 05 ноември 2024

Книгата „Големата фабрика за зборови“ објавена на македонски јазик

Книгата „Големата фабрика за зборови“ објавена на македонски јазик
Скопје, 30 август 2022 (МИА) - Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје информира дека со објавување на книгата „Големата фабрика за зборови“ почнува нова агенда за одговорно однесување кон природата. - Проектот „Создадено во Европа: моќта на различноста“ предвидува програма за одговорно однесување кон природата и заедницата наречена „Се грижиме за планетата“. Овој збир на принципи опфаќаат конкретни мерки и активности за еколошко, одржливо, етичко и социјално одговорно однесување, соопшти „Антолог“. Сликовницата за деца „Големата фабрика за зборови“ од француската писателка Ањес де Лестрад и аргентинската илустраторка Валерија Докампо е објавена по највисоки печатарски стандарди. Во изданието на „Големата фабрика за зборови“ на македонски јазик преводот од француски е дело на Владо Ефтимов, а ликовно-графичкото обликување е на Марко Трпески. Логото на проектот MEPD е изработено од Стефан Танков. Книгата е објавена со финансиска поддршка oд Европската Унија – програма Креативна Европа, Министерството за култура на Република Северна Македонија и Програмата за помош во издаваштво на Францускиот институт. -Ова е книга што говори за љубовта, за желбата, за потрошувачкото општество во кое сѐ се мери низ призмата на парите, за насилството, за нежноста и, што можеби е најважно – во животот едноставно треба да собереме храброст и да се обидеме да го постигнеме она што многу ни значи, соопшти издавачот. Сликовницата „Големата фабрика за зборови“ е преведена на повеќе од триесет јазици и ги има добиено наградите „Prix Papillotes“ и „Prix littéraire de la Citoyenneté“ за 2010 година. Ањес де Лестрад (1964) е француска новинарка и авторка на сликовници и книги за деца и млади. Нејзините дела ја разгоруваат детската мечта со возбудливи теми што како да излегле од најубавите соништа. Освен тоа, осмислува забавни друштвени игри за најмладите, пишува песни и води работилница за креативно пишување. Автор е на над седумдесет книги (сликовници, приказни и романи). За своите дела повеќепати е наградувана со угледни, книжевни награди: „Prix Papillotes“ и „Prix littéraire de la Citoyenneté“ (2010) за „Големата фабрика за зборови“; „Coup de coeur“, која ја доделува францускиот Национален центар за книжевност за млади (2008, 2012, 2016); „Prix Tatou“ (2012), како и наградата „Prix des incorruptibles“, за која книгите ги предлагаат стручњаци од областа на воспитанието и образованието, а ја доделува жири составено од деца читатели (2008, 2010). Валерија Докампо (1976) е аргентинска илустраторка. Дипломирала на Отсекот за дизајн и визуелна комуникација при Академијата на ликовни уметности на универзитетот во Буенос Аирес, каде што подоцна станала предавач. Од 2006 година се посветила исклучиво на илустрирање книги за деца, при што користи класични и дигитални техники и постојано истражува нови изразни форми. Автор е на илустрации за десетина сликовници. Владо Ефтимов (1956) е преведувач од француски и од српски јазик. Дипломирал во 1980 година на Филолошкиот факултет – Катедра за романска филологија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Од 2003 до 2014 година работел во редакцијата „Детска радост“, како новинар и уредник на повеќе списанија за деца и млади. Превел голем број новинарски текстови, дваесетина драми (за аматерскиот театар „Чекори“), стотина сликовници и книги за деца и млади, како и голем број книги за возрасни. Се занимавал и со лексикографска дејност. мд/цр

Остани поврзан