• понеделник, 23 декември 2024

Климатските промени закана за намален род кај одредени овошки во Кумановско

Климатските промени закана за намален род кај одредени овошки во Кумановско

Куманово, 31 јануари 2024 (МИА) - Сегашните ниски утрински температури немаат сериозно влијание на овошките, но, земјоделците треба да внимаваат и да ја следат прогнозата во пролетните месеци, предупредија денеска стручните лица од Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството од подрачната единица Куманово. Климатските промени последниве години се закана за одредени овошки во североисточниот регион кајсии, праски и модри сливи. Овие овошки рано вегетираат и се чуствителни на  ињето, сланата или мразот, кои можат да го уништат родот. Во регионот претходната недела температурите во ноќните и раните утрински часови се спуштаа и до -10 степени целзиусови.

-Имаме случаи претходните години, се јавуваа земјоделците и кажуваа дека пролетните мразови им го уништиле родот. Во последниве години чести се вакви појави, можат штетно да се одразат и на приносите во овоштарството, особено на оние кои рано вегетираат како кајсијата која особено е чувствителна. Промената на климатските услови е забележлива последниве години, зимата се пролонгира и ги опфаќа деновите од раната пролет. И штом процутат овошките се јавува мраз, слана. Кај нас во североистокот токму кајсијата е најпогодена, изјави Џабир Рамадани, земјоделски инженер и раководител на Агенцијата за поттикнување на развој на земјоделство во подрачна единица-Куманово.

Земјоделците неретко преземаат мерки дури некои застарени методи како што е задимување, некои фрлаат слама, посериозните земјоделци кои имаат поголема површина купуваат атомизери за прскање во раните утрински часови.

Сериозен проблем се промените во последниве години. Има и посериозни производители кои се соочија со понизок род. И недостигот на одредено овошје влијае на пазарната цена, бидејќи нема доволно на наше поднебје, па мора да се увезува, додава Рамадани.

Тој додава дека е важно производителите да ги осигуруваат насадите и да ја искористат можноста што државата ги нуди и покрива 60 проценти од полисата.

- Ова е одлична можност за земјоделците, додава Рамадани. ам/сст/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан