• понеделник, 23 декември 2024

Кишида за реформи во ОН: Разнишани се темелите на меѓународниот поредок

Кишида за реформи во ОН: Разнишани се темелите на меѓународниот поредок
Њујорк, 21 септември 2022 (МИА) - Јапонскиот премиер Фумио Кишида во говорот пред Генералното собрание на ОН рече дека е разочаран што Советот за безбедност на ОН не одговорил на „руската инвазија на Украина“ поради правото на вето на Москва и повика да се спроведат реформи за да им се овозможи на ОН подобро да го бранат глобалниот мир и поредок. Кишида оцени дека ОН некогаш имале клучна улога во одржувањето на светскиот мир, но дека „темелите на меѓународниот поредок во моментов насилно се разнишани“. Тој рече дека „руската инвазија на Украина“ ги гази филозофијата и принципите на Повелбата на Обединетите нации и идејата дека сите народи треба да го почитуваат владеењето на правото. „Мораме да се соочиме со реалноста дека интегритетот на Обединетите нации е загрозен поради руската инвазија на Украина“, рече Кишида. Тој изјави дека Јапонија е посветена на обезбедување поголема поддршка на ОН за да му помогне на телото да има поголема улога во одржувањето на глобалниот мир и безбедност. Исто така вети дека Јапонија искрено ќе ги слуша „малите гласови“, а не само големите земји, со цел да се зајакне владеењето на правото во меѓународното општество. Кишида, кој е од Хирошима, првиот град на кој беше фрлена атомската бомба, исто така рече дека се залага за создавање свет без нуклеарно оружје. Тој посочи дека „заканата од нуклеарно оружје, а камоли од негова употреба, е сериозна закана за мирот и безбедноста на меѓународната заедница и никогаш нема да биде прифатлива“. Кишида, исто така, рече дека е подготвен да се сретне со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун за да ги реши прашањата поврзани со нуклеарното оружје и ракетната програма на Пјонгјанг, како и со киднапирањето јапонски граѓани пред неколку децении и за нормализирање на дипломатските односи. паг/  

Остани поврзан