• среда, 26 јуни 2024

Кинеската крајбрежна стража со водени топови нападна филипински бродови во Јужно Кинеско Море

Кинеската крајбрежна стража со водени топови нападна филипински бродови во Јужно Кинеско Море

Манила, 23 март 2024 (МИА) - Бродови на Кинеската крајбрежна стража нападна со водени топови филипински брод за снабдување во близина на спорен песочен остров во Јужно Кинеско Море, при што се повредени членови на екипажот и предизвикана е голема штета на бродот, соопштија денеска филипинските власти. 

САД и Јапонија веднаш ја изразија својата поддршка за Филипините, како и нивното незадоволство поради „агресијата на кинеските сили“ на овој остров, што минатата година беше поприште на бројни конфронтации меѓу кинеската и филипинската морнарица.

На малиот остров во Јужно Кинеско Море од 1999 година стациониран е мал контингент на филипинската морнарица и маринци, но тие се опкружени со Кинеската крајбрежна стража и воени чамци.

Филипинската влада соопшти дека нивниот брод за снабдување, што бил придружуван од два чамци на крајбрежната стража, на пат да достават резерви за војниците на песочниот остров, бил блокиран од бродови на Кинеската крајбрежна стража, а потоа нападнат со водени топови, предизвикувајќи оштетување на бродот и повреди на членовите на екипажот.

Филипинските власти остро го осудија овој чин, нарекувајќи го „непромислен и опасен“.

Два патролни брода на Филипинската крајбрежна стража ја пробија кинеската блокада за да им пружат помош на повредените филипински членови на екипажот и да го одвлечат бродот за снабдување.

Еден моторен чамец успеал да пренесе нова група филипински морнари и залихи до филипинската станица на островот, и покрај обидот на кинеската крајбрежна стража да го блокира со поставување на пловечка бариера во водите, соопштија филипинските власти.

Портпаролот на кинеската крајбрежна стража Ган Ју изјави дека филипинските бродови влегле во кинеските територијални води и покрај постојаното предупредување да не го прават тоа.

„Кинеската крајбрежна стража спроведе законска акција, пресретнувајќи и протерувајќи странски бродови на разумен и професионален начин“, соопшти тој.

Пекинг полага право врз целото Јужно Кинеско Море и покрај пресудата на меѓународната арбитража од 2016 година која ги поништи неговите експанзионистички барања.

Официјален Вашингтон не полага парава на овој важен морски пат низ кој минува голем дел од светската трговија, но тие постојано го повторуваат ставот дека се должни да ги заштитат Филипините доколку нивните војници, бродови или авиони бидат нападнати.

Покрај Кина и Филипините, на Јужното Кинеско Море, исто така, права полагаат и Виетнам, Малезија, Тајван и Брунеи.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан