Кина упати протестна нота до Индија за честитката на премиерот Моди по повод 90. роденден на Далај Лама
- Во острата реакција на кинеското Министерство за надворешни работи денеска се наведува дека Индија мора да престане да се „меша“ во нивните внатрешни работи и целосно да ја признае „антикинеската сепаратистичка природа“ на Далај Лама.
Пекинг/ Њу Делхи, 7 јули 2025 (МИА) – Кина испрати официјална протестна нота поради честитката на индискиот премиер Нарендра Моди за роденденот на 14-тиот Далај Лама, нарекувајќи го потегот кршење на претходните обврски на Индија за прашањата на Тибет.
Протестот е и заради присуството на високи индиски функционери на прославата на 90-тиот роденден на тибетанскиот духовен водач, што се одржа вчера во Дарамшала.
Во острата реакција на кинеското Министерство за надворешни работи денеска се наведува дека Индија мора да престане да се „меша“ во нивните внатрешни работи и целосно да ја признае „антикинеската сепаратистичка природа“ на Далај Лама.
Пекинг ја предупредува Индија да биде претпазлива во врска со прашањето на Тибет.
-Индија треба целосно да ја разбере големата чувствителност на прашањата поврзани со Сизанг (кинеското име за Тибет) и да ја признае антикинеската сепаратистичка природа на 14-тиот Далај Лама, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, на прес-конференција во Пекинг.сд/
фото:ЕПА