• вторник, 24 декември 2024

Кина воспостави „стратешко партнерство“ со Палестинската управа

Кина воспостави „стратешко партнерство“ со Палестинската управа

Пекинг, 14 јуни 2023 (МИА) - Кина денеска соопшти дека воспоставила „стратешко партнерство“ со палестинските власти за време на посетата на палестинскиот претседател Махмуд Абас на Пекинг.

Тоа претставува уште еден чекор во обидот на Кина да стекне политичко и економско влијание на Блискиот Исток, каде што се натпреварува со САД.

Кина бара извори на енергија и пазар за воен и цивилен извоз, промовирајќи ја својата верзија на авторитарно владеење заедно со Русија, што претставува предизвик за демократскиот светски поредок предводен од Западот.

Кина назначи специјален пратеник за средби со израелски и палестински претставници, но нејзиното искуство во регионот е ограничено на градежни, производствени и други економски проекти.

Пекинг долго време има дипломатски односи со палестинските власти и Абас беше пречекан со највисоки воени почести во Големата сала на народот во централниот дел на кинеската престолнина.

-Ние сме добри пријатели и партнери. Секогаш цврсто ја поддржувавме праведната кауза на палестинскиот народ да ги врати своите легитимни национални права, рече кинескиот претседател и лидер на владејачката Комунистичка партија Си Џинпинг на почетокот на средбата со Абас.

Тој нагласи дека Кина е подготвена „да ја зајакне координацијата и соработката со палестинската страна за да промовира сеопфатно, праведно и трајно решение за палестинското прашање што е можно поскоро“.

Претседателот Си го нарече стратешкото партнерство „важна пресвртница во историјата на билатералните односи“, иако финансиските детали не беа веднаш објавени.

Кина се потпира на таквите партнерства за да ја зајакне својата дипломатска положба и да им даде предност на големите кинески корпорации во преговарањето за инфраструктурни договори во рамките на Иницијативата „Појас и пат“, што предизвика многу земји да се задолжат кај кинеските банки.

Кина, исто така, посакува блиски односи со Израел за да го прошири своето дипломатско присуство и да добие пристап до висока технологија.

Абас е во посета на Пекинг откако Кина неодамна беше домаќин на разговорите меѓу Иран и Саудиска Арабија, што доведе до обновување на дипломатските односи меѓу двата ривали од Блискиот Исток и ја зајакна нејзината позиција во регионот.

Зближувањето меѓу Ријад и Техеран се смета за дипломатска победа за официјален Пекинг во време кога земјите од Персискиот залив сметаат дека САД се повлекуваат од поширокиот регион. сд/

Фото: принтскрин Твитер

Остани поврзан