• недела, 24 ноември 2024

Ким Јо Џонг: Воените вежби на САД и Јужна Кореја го оправдуваат нуклеарното зајакнување на Северна Кореја

Ким Јо Џонг: Воените вежби на САД и Јужна Кореја го оправдуваат нуклеарното зајакнување на Северна Кореја

Пјонгјанг, 5 ноември 2024 (МИА) – Сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, Ким Јо Џонг денеска изјави дека заедничките воени вежби на САД, Јапонија и Јужна Кореја го оправдуваат нуклеарното зајакнување на Северна Кореја.

Ким ја критикуваше вежбата, која земјите ја спроведоа откако Северна Кореја минатата недела тестираше нова интерконтинентална балистичка ракета со цврсто гориво Хвасонг-19, како и „повеќе од 20“ воени вежби спроведени од сојузниците оваа година.

Со оглед на ваквите закани, Северна Кореја нема да отстапи од патот на зајакнување на нуклеарното одвраќање, јави севернокорејската новинска агенција КЦНА.

По лансирањето на севернокорејската балистичка ракета, јужнокорејските и американските воздухопловни сили ги спроведоа првите заеднички вежби за напади со боев оган во кои учествуваа дронови Global Hawk и Reaper, фрлајќи муниција управувана со GPS во симулирани напади врз непријателски цели, соопштија јужнокорејските воздухопловни сили.

Лансирањето на ракетата ICBM минатата недела дојде веднаш откако Северна Кореја, наводно, почна да испраќа војници за да и помогнат на Русија во војната во Украина, што наиде на осуда од Вашингтон и американските сојузници во Јужна Кореја, Јапонија и Европа, како и од генералниот секретар на Обединетите нации. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан