• петок, 05 декември 2025

Кенет Брана не штеди пофалби за Џоди Комер

Кенет Брана не штеди пофалби за Џоди Комер

Ливерпул, 23 јуни 2025 (МИА) - Ценетиот британски режисер Кенет Брана ѝ го даде на Џоди Комер можеби највисокиот комплимент во Холивуд - ја спореди со тројната „оскаровка“ Мерил Стрип.

Во ново интервју за британскиот весник „Тајмс“, имено, наградуваниот северноирски филмаџија говoрeше за режијата и работата со британската глумица во неговиот претстоен филм „Последната вознемиреност на Медлин Хајнд“ (Last Disturbance of Madeline Hynde), нафрлајќи ги пофалбите за неговата 32-годишна водечка дама во приказната.

- Се сметам себеси за среќен што работев со неа во оваа фаза од нејзината кариера. Како што некој еднаш рече за младата Стрип - „Посакувам да поседувам акции во нејзината иднина“... Таа (Комер) е „гладна“ за посветена работа!, изјави Брана.

Комер остана скромна, па за режисерот рече: - Тој е многу љубезен... Нека е благословен.

Брана, кој го потпиша и сценариото на новиот филм, не откри премногу за заплетот, истакнувајќи само дека ликот на Комер е во „темна ноќ на душата“, и во „непромислена емоционална изложеност, нестабилност“... Инаку, во психолошкиот трилер што треба да се прикажува во киносалите в година, таа глуми со Патриша Аркет, Мајкл Шин, Том Бејтман и Вики Мекклур.

Наградуваната британска глумица во мигов е актуелна со зомби-хоророт на Дени Бојл - „28 години подоцна“ - продолжение на филмот „28 дена подоцна“ од 2002 година.  си/

Фото: ЕПА, Википедија, фотоколаж

Остани поврзан