• сабота, 23 ноември 2024

Кемал Ататурк – мост на вечно македонско-турско пријателство

Кемал Ататурк – мост на вечно македонско-турско пријателство

Битола, 13 март 2024 (МИА) - Времето на Кемал Ататурк поминато во Битола постави основи за оформување на неговата космополитска интелектуална свест која подоцна освои нови хоризонти и перспективи истакна генерал мајор Азир Нуредин, на денешното одбележување на 125-годишнината од дипломирањето на Ататурк во битолската Воена Гимназија.

Според Нуредин, заменик-началник на Генераштабот на Армијата на Република Северна Македонија, Ататурк во Битола се здоби со основните воени вештини и највисоки вредности, создаде нераскинливи врски и изгради мост на вечно пријателство меѓу Република Северна Македонија и Република Турција.

-Во оваа прилика ја истакнувам одличната соработка во сферата на одбраната меѓу нашите две пријателски земји, која почна во 1994 година со упатување на старешински кадар во престижните турски едукативни центри и е во континуитет. Република Турција како наш стратешки партнер перманентно и помага на Република Северна Македонија придонесувајќи во процесот на нејзина модернизација и интероперабилност на армиите во НАТО алијансата, нагласи Нуредин.

Военото аташе на Република Турција во Скопје, полковник Реџаи Јилмаз, на денешната свеченост истакна дека градот Битола во времето на Ататурк, беше еден од најважните стратешки региони на Балканот и е со длабоко вкоренета историја.

- Времето на Ататурк во Битола е напишано со златни букви во нашата епопеја затоа што се однесува за голем државник и интелектуалец. Основачот на модерна Турција е основач на врските меѓу двете држави кои се темелат на взаемна култура, историја, почитување и соработка, рече меѓудругото полковник Реџаи Јилмаз.

Во рамки на свеченоста, ученици од ОУ „Св. Кирил и Методиј“ од селото Канатларци читаа поезија, а според востановената традиција, гостите од двете држави положија цвеќе пред спомен бистата на Ататурк во битолскиот Музеј. мт/сст/

 

Фото: МИА

Остани поврзан