Кафуле сместено на карпа ги освои симпатиите на туристите ширум светот
- Пиењето кафе со волшебен поглед обично е синоним за опуштање, но малкумина би успеале навистина да се релаксираат во кафулето кое буквално „виси на карпа“
Пекинг, 6 март 2026 (МИА) - Кафуле отворено во 2004 година неодамна ја достигна својата популарност откако видеоснимки почнаа да кружат на социјалните мрежи. Пиењето кафе со волшебен поглед обично е синоним за опуштање, но малкумина би успеале навистина да се релаксираат во кафулето кое буквално „виси на карпа“.
Локалот наречен „Кафуле на карпа“ (Cliff Coffee), се наоѓа во кинеската провинција Фуџијан, и е сместен на стрмна карпа- околу 60 метри надморска височина. Познато уште како „древно кафуле на карпа“, се смета за „најекстремното кафуле во светот“. Создадено е од правоаголни платформи прицврстени за карпата, кои служат како места за седење. Посетителите тешко можат да дојдат до својот филџан - кафе. Тие најпрво мора да ја совладаат патеката „Виа ферата. За тоа се потребни околу 30 минути, а потоа инструктори - со помош на специјална опрема ги спуштаат со јаже до платформите.
Интересот за негова посета секојдневно расте. Но доколку сакате да пиете кафе на малку „посебен“ начин, потребна е предвремена резервација. Основачот на ова необично место напоменува дека никој не може самостојно да се спушта до платформите. Тука кафето чини 398 јуани (околу 50 евра). Во сумата е вклучено задолжително осигурување, изнајмување опрема и услуги од инструктор за спуштање. Престојот не е временски ограничен. Откако ќе дојдете на своето место можете да останете колку што сакате. мв/ссм/
Фото: Јутјуб - принтскрин