• сабота, 23 ноември 2024

Карнера: „Носталгија“ говори за патување и враќање во родниот крај, камерата во филмот ги заменува очите на ликот

Карнера: „Носталгија“ говори за патување и враќање во родниот крај, камерата во филмот ги заменува очите на ликот

Битола, 25 септември 2023 (МИА) - Пред снимање на филмот „Носталгија“ шетавме со режисерот откривајќи ги локациите во Неоапол, со цел да видиме како секоја локација ќе изгледа низ очите на главниот лик. Камерата во филмот ги заменува очите на ликот, посочи на денешната прес-конференција Паоло Карнера, кинематографер на овој италијанско-француски драмски филм, што синоќа беше прикажан во Домот на култура во Битола, во рамките на 44. издание на Фестивалот „Браќа Манаки“.

Како што јави известувачот за МИА од Битола, Карнера потенираше дека „Носталгија“ е филм кој говори за патување и за враќање дома. Станува збор за трагична приказна, во која ликот се обидува да го открие градот Неапол, поточно во квартот Ла Санита во кој што живеел пред 40 години и повторно да го најде своето место во него.

Говорејќи за начинот како дојде до одлуката да работи на овој филм, Карнера посочи дека му пристапил познатиот режисер во Италија, Марио Мартоне и побарал да работат заедно. 

-Пред снимање на филмот „Носталгија“ шетавме со режисерот откривајќи ги локациите во Неапол, со цел да видиме како секоја локација ќе изгледа низ очите на главниот лик и каква би била неговата емоционална состојба додека ги гледа местата. На тој начин ги смисливме сите секвенции. Сакавме да ја доловиме вистинската атмосфера на еден човек што се враќа од друго место, во својот роден град и како би можел да се чувствува во тој момент, рече Карнера.

Тој појасни оти целта била да се прикаже Неапол во вистинското светло, како град кој има вистинско богатство, прекрасни палати, но и екстремна сиромаштија. 

-Ми беше навистина задоволство да снимам во Неапол. Италија е комплексна земја со навистина прекрасни, чудесни градови, но истовремено тие градови содржат многу контрадикции. Во Неапол може да си забележи вистинско богатство, прекрасни палати, но и екстремна сиромаштија. Најдобро го запознав Неапол кога таму снимав телевизиска серија насловена „Камора“. Процесот на снимање таму беше тежок, но ми помогна да ја запознам состојбата во Неапол, додаде кинематограферот.

Главниот лик во филмот „Носталгија“ го глуми италијанскиот актер Пјерфранческо Фавино. Карнера посочи дека на Фавино ова му е една од најдобрите улоги. 

-Со Пјерфранческо Фавино сум снимил четири филма. Тој навистина одлично се подготвуваше за улогата. Научи арапски, за да може сцените лично да ги сними, да не бидат синхорнизирани. Истовремено, се обидуваше и начинот на кој што се движи да го прилагоди на северно-африканска култура, рече Корнера.

„Носталгија“ е италијанско-француски драмски филм од 2022 година, режисер е Марио Мартоне, базиран на роман од 2016 година на Ермано Реа.

Филмот имаше премиера на Канскиот филмски фестивал на 24 мај минатата година.бт/аа/

Фото/МИА

 

 

 

Остани поврзан