Каранфилова-Пановска: СДСМ ќе понуди соодветен концепт и вистински човек за Скопје на локалните избори
- СООПШТЕНИЕ - Каранфилова Пановска во интервјуто вели дека најголемата вина за овој крах на главниот град ја имаат Мицкоски, ДПМНЕ и градоначалничката Арсовска.
2 јануари 2025
На Скопје во изминатите години му се случи цунами, целосен крах на основните функции на градот и скопјани таа тешка реалност ја живеат секој ден, посочи заменик претседателката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фани Каранфилова Пановска, во интервју за Локално. Во интревјуото таа посочува дека СДСМ на локалните избори ќе има соодветна програмска и концепциска понуда, како кандидат што ќе може да го рехабилитира главниот град.
Каранфилова Пановска, во интервјуто вели дека најголемата вина за овој крах на главниот град ја имаат Мицкоски, ДПМНЕ и градоначалничката Арсовска.
„Колабиран е јавниот превоз, хигиената во градот е катастрофална, улиците се преполни со смет, јавните претпријатија не функционираат, нема реализација на крупни капитални проекти, нема развој на градот.Грубо звучи, но реално скопјани се жртви на нивните меѓусебни пресметки, интереси и калкулации Тие го доведоа главниот град на дното, не само во јавниот транспорт, туку и во сите други области. Заедно ветуваа модерно Скопје, нови 250 автобуси па дури и бесплатен јавен превоз. А што донесоа? Заглавен и задушен град, целосен распад, не само во јавниот превоз, на сите полиња. И тој крах е на ВМРО-ДПМНЕ, иако сакаат скопјани да го заборават тоа“, вели Каранфилова Пановска.
Во интервјуто таа потсети дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Градот намерно ја блокираа и ја кочеа работата, не гласаа важни одлуки за граѓаните, ниту пак предложија и донесоа некакви мерки за помош на скопјани.
Поларизацијата која се случува помеѓу централната власт и градот, како што кажа Каранфилова Пановска е само дополнително изживување со скопјани и покажување огромна некадарност, болна суетност, немање сенс за јавен интерес.
Каранфилова Пановска во интервјуто порача дека СДСМ ќе даде соодветен одговор, концепциски, програмски и кадровски и ќе излезе пред граѓаните со своја понуда за целосна рехабилитација, за обнова на Скопје.
„Програмата ќе понуди модерен јавен превоз, намален сообраќаен метеж, ослободување на јавните простори, на нови зелени појаси, сообраќајно поврзување на градот внатре и со периферните населби. Ќе понудиме програмски концепт на модерното и ефикасно домување, каде скопјани ќе се чувствуваат убаво и задоволно, со квалитетни услови за образование на децата и најмалите. Концепт за справување со загаденоста, отпадот, нечистотијата, културни и спортски содржини на градот, пристојни дигитализирани и современи начини на сервисирање на потребите на граѓаните“, порача Каранфилова Пановска.
При тоа заменичката претседателка на СДСМ, рече дека профилот на кандидатот на СДСМ за Град Скопје, ќе биде човек од градот за градот, човек од граѓаните за граѓаните, човек што ќе може да го рехабилитира Скопје, да го издигне од пепелот и да го крене на едно ново, подобро ниво, какво што заслужуваат граѓаните на нашето Скопје.
Каранфилова Пановска: За шест месеци ВМРО-ДПМНЕ го срози животниот стандард на граѓаните
Сѐ што им ветуваше ВМРО-ДПМНЕ и Мицковски на граѓаните во предизборието, со политиките кои ги спроведуваат пост-изборно во овие шест месеци се демантираа себе си, односно докажаа колку предизборните ветувања биле лажни, посочи заменик претседателката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фани Каранфилова Пановска, во интервју за Локално.
Говорејќи за политиките на власта, Каранфилова Пановска рече дека ДПМНЕ за шест месеци уништи се што СДСМ имаше спроведено како добри политики од кои граѓаните беа задоволни.
„Квази-патриотските и националистичките ветувања за враќање на „гордоста“ на македонските граѓани, онака како што тие погрешно ја разбираат за жал, паднаа во вода. Животниот стандард на граѓаните е срозан, граѓаните имаат се помалку пари во џебовите само затоа што ВМРО одлучи да не продолжи со политиките на СДСМ за покачување на минималната и просечната плата, воведе мерки за наводно намалување на цените, кои освен бум на цените на основните производи и повеќе профити на трговците и бизнисот, не донесоа ништо друго“, рече Каранфилова Пановска.
При тоа, Каранфилова Пановска посочи дека додека платите на работниците се замрзнуваат, ДПМНЕ се грижи за порастот на платите на своите функционери во власта, иако во предизборието ветуваше нешто сосема поинаку.
СДСМ - Центар за комуникации со јавноста
_________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки