• недела, 22 декември 2024

Кандидатурата на Силјановска-Давкова за претседател на државата поддржана од 444 делегати на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ 

Кандидатурата на Силјановска-Давкова за претседател на државата поддржана од 444 делегати на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ 

Скопје, 2 март 2024 (МИА) – Со 444 гласа од 454 присутни делегати на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, и официјално е потврдена кандидатурата на Гордана Силјановска-Давкова за претседател на државата на претстојните Претседателски избори. 

-Резултатот ме остави без зборови. Не очекував олку голем резултат, навистина многу ми значи довербата, од срце ви благодарам. Одговорно тврдам дека ниту еден труд, ниту членство во разни организации не ми значело толку колку можноста што ми ја дадовте вие, и тогаш и сега, да си го запознам народот. Тоа е неверојатно инспиративно, истакна Силјанова-Давкова, која претходно, пред тајното гласање, пред делегатите на конвенцијата имаше излагање.

По објавата на резултатот од гласањето таа истакна дека „многу работа стои пред нас“ и затоа сите кои ќе бидат носители на некоја функција ги замоли „да стават крај на овие страшни поделби по било која основа, најмногу партиска и политичка“, да се однесуваат коректно кон опозицијата без која, како што рече, нема  демократија, и да градат консензус.

- Јас ве уверувам дека нема да ве засрамам. Јас ве уверувам дека ќе ги мерам зборовите. Ве уверувам дека ќе градам сојузи и сојузништва, дека ќе интегрирам, а нема да дезинтегрирам зашто поделбите ја доведоа  оваа држава да личи на гладијаторска арена, рече Силјановска-Давкова на конвенцијата насловена „Важно е! Лидерство што носи промени", која попладнево се одржува во Филхармонијата.

Посочи дека „не се станува Европеец и не се вежба европеизација преку реторика ’ЕУ, ЕУ,ЕУ’, туку преку вежбање демократија“. Порача дека приоритети мора да бидат владеење на правото, слободите и правата на човекот, индивидуалните и малцинските права, градење пазарна економија... 

-Нам ни треба пристојна, нормална па дури и досадна држава. Не егзотика. Доста бевме егзотични билки за светот и за Европската Унија. Во ЕУ треба да одиме со компатибилен политички систем, а него го нема без владеење на правото, рече кандидатката за претседател на државата. 

Порача „да градиме современа, модерна, по европски стандарди структурирана држава во која граѓаните ќе бидат суверенот“.

-Да ги почитуваме и правата на заедниците, да ги почитуваме различностите, но да не забораваме дека ЕУ е единство на различности. И ние има што да внесеме во ЕУ, отсекогаш сме биле во географска и културна смисла дел од ЕУ... Токму со традицијата на културна различност многу можеме да внесеме во Европската Унија и сигурна сум дека и ЕУ ќе има полза од нас, изјави Силјановска-Давкова, нагласувајќи дека „време е за конзистентност и стаменост“, зашто само така, рече, ќе бидеме препознаеме како сериозни државници. 

По нејзиното обраќање, пред делегатите на конвенцијата говор има претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.  

Гордана Силјановска-Давкова вторпат влегува во трката за претседател на државата откако загуби во вториот круг од изборите во 2019 година. Професорка е на Правниот факултет на УКИМ, независен пратеник во Собранието и дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во актуелниот парламентарен состав. хс/цр/

Фото: МИА 

Остани поврзан