• вторник, 17 декември 2024

Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево со мала предност во вториот круг, освоени и седум советнички места

Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево со мала предност во вториот круг, освоени и седум советнички места

Кичево, 11 октомври 2021 (МИА) - Кандидат за градоначалник на Општина Кичево на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Александар Јованоски во првиот изборен круг освои најголем број гласови 8 801 и се стекна со мала предност пред вториот круг што ќе се одржи на 31 октомври. Задоволни се и од освоените седум места во идниот Совет на општина Кичево, потврди претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ од Кичево, Лазе Јакимоски.

-Според резултатите што ги остваривме на вчерашните локални избори можеме да бидеме наполно задоволни, бидејќи нашиот кандидат за градоначалник, Александар Јованоски со 8 801 глас или 38,42% освои најголем  број гласови во првиот круг. Исто така, нашата советничка листа на овие избори освои седум места, што е за едно повеќе од претходните избори и кои ќе бидат дел од идниот Совет на општина Кичево, истакна Јакимоски.

Потенцира дека допрва ќе следат договори околу идните коалиции во Советот на општината и очекува граѓаните во вториот круг да излезат во поголем број и да го поддржат кандидатот на партијата.

-Мое мислење е дека секогаш може и подобро. Иако нашиот кандидат освои најголем број гласови, сепак за целосна победа на овие избори ќе мора излезноста да биде поголема, а со тоа и бројот на избирачи кои ќе го дадат гласот за нашиот кандидат да биде далеку поголем. Очекувам дека нашите сограѓани, сопартијци ќе го прифатат мојот апел и на 31 октомври да излезат во вториот изборен круг на избори за градоначалник на општина Кичево, додаде Јакимоски.

Во вториот круг од локалните избори кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Јовановски влегува во трка со Фатмир Дехари од ДУИ кој со освоени 8.545 гласа или 37,3 проценти беше втор на листата од четворица кандидати за градоначалници.

Идниот совет на општина Кичево ќе го сочинуваат шест партии и тоа, со осум советници ќе влезе партијата ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува со седум советника, по три советника ќе имаат СДСМ и независната листа на Лимани и со по еден советник се АА/А и Коалицијата ЛДП, ДОМ. за/вг/

Остани поврзан