• недела, 17 ноември 2024

Канада ја одобри вакцината на АстраЗенека

Канада ја одобри вакцината на АстраЗенека
Монтреал, 26 февруари 2021 (МИА) – Канадскиот здравствен регулатор денеска ја одобри вакцината против Ковид-19 развиена од британско-шведската компанија АстраЗенека и Универзитетот Оксфорд, со што стана третата вакцина против коронавирусот што е одобрена во земјата. - Вакцините ќе пристигнуваат сè побрзо и побрзо како што се доближуваме до пролетта – и не само затоа што пратките на Модерна и Фајзер рапидно се зголемуваат, туку затоа што Канада сега одобри уште една опција за вакцинирање, изјави премиерот Џастин Трудо на прес-конференција. - Утрово, Здравство Канада ја одобри вакцината АстраЗенека-Оксфорд против Ковид-19, додаде тој нарекувајќи ја „многу охрабрувачка вест“ во борбата на земјата против Ковид-19. Тој рече дека се обезбедени 22 милиони дози од вакцината на АстраЗенека и треба да почнат да пристигнуваат во наредните месеци. Канада до крајот на март треба да има 6,5 милиони дози од сите вакцини, рече Трудо. Здравство Канада соопшти дека вакцината на АстраЗенека покажала ефикасност од околу 62 проценти во спречување на симптоматски случаи на Ковид-19, почнувајќи две недели по втората доза. Регулаторот ја одобри употреба на оваа вакцина за лица од 18 години и постари. Тоа се разликува од неколку земји во Европа кои ја ограничија нејзината употреба на луѓе под 65 години, велејќи дека нејзината ефикасност не е докажана кај постарите возрасни групи. Трудо се најде под притисок да го забрза темпото на кампањата за вакцинација во земјата, со тоа што Канада заостанува зад многу други западни земји, вклучувајќи ги и соседните САД, во однос на бројот на вакцинирани луѓе. јт/

Остани поврзан